Хутите зазедоа стратешки остров – расте заканата за една од најважните поморски рути во светот

Заедно со Перим, Хутите го зазеле и крајбрежниот град Дубаб, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори од јеменската влада

Јеменските Хути, кои се поддржани од Иран, го зазедоа стратешки важниот остров Перим во теснецот Баб ел-Мандеб, со што дополнително ја зајакнаа својата позиција во близина на една од најважните рути за светската трговија и транспортот на нафта.

Островот, познат и како Мајун, се наоѓа меѓу Јемен и Џибути, на јужниот влез во Црвеното Море. Неговата положба овозможува надзор врз пловидбата меѓу Индискиот Океан и Суецкиот Канал, преку која се одвива значителен дел од трговијата меѓу Азија и Европа.

Заедно со Перим, Хутите го зазеле и крајбрежниот град Дубаб, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори од јеменската влада. Нивните сили претходно напредуваа по западниот брег на Јемен и ја презедоа контролата врз пристанишниот град Мока.

Ова е едно од најзначајните територијални напредувања на Хутите во последните години. Островот Перим се наоѓа непосредно до каналите низ кои минуваат комерцијални бродови и танкери, поради што неговата контрола има големо воено и економско значење.

Зошто Баб ел-Мандеб е толку важен?

Теснецот Баб ел-Мандеб ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив и претставува задолжителен премин за бродовите што од Азија патуваат кон Европа преку Суецкиот Канал.

Доколку пловидбата низ теснецот биде блокирана или оценета како премногу ризична, бродовите мора да ја заобиколуваат Африка преку ’Ртот Добра Надеж. Тоа го продолжува патувањето, ја зголемува потрошувачката на гориво и ги поскапува транспортот, осигурувањето и стоките.

Значењето на Баб ел-Мандеб дополнително се зголеми поради нестабилноста околу Ормускиот Теснец. Саудиска Арабија ја користи својата мрежа од нафтоводи и пристаништата на Црвеното Море како алтернативна рута за извоз на нафта, но дел од тие танкери сега минуваат во близина на територии под контрола на Хутите.

Хутите во изминатите години повеќепати напаѓаа комерцијални бродови во Црвеното Море со ракети, беспилотни летала и чамци натоварени со експлозив. Иако тврдеа дека цел се бродови поврзани со Израел и со земјите што го поддржуваат, нападнати беа и пловила без јасна врска со конфликтот.

Поради безбедносните ризици, голем број меѓународни компании веќе ги пренасочуваа своите бродови околу Африка. Според Асошиејтед прес, пловидбата низ Баб ел-Мандеб е намалена за околу 60 проценти во споредба со периодот пред нападите.

Саудиска Арабија одговори со воздушни напади

По напредувањето на Хутите, Саудиска Арабија изврши воздушни напади врз аеродромот во Мока, кој неодамна премина под контрола на бунтовничкото движење. Според Асошиејтед прес, засега нема информации за жртви во нападите.

Силите на меѓународно признаената јеменска влада најавуваат противофанзива за повторно преземање на Мока, Дубаб и стратешките острови во Црвеното Море. Обновените борби, меѓутоа, се закануваат целосно да го урнат кревкото примирје воспоставено во 2022 година.

Повеќе од 46.000 луѓе веќе ги напуштиле домовите во областа околу Мока поради обновеното насилство. Јемен и понатаму се соочува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот по повеќегодишната граѓанска војна.

Контролата не значи автоматско затворање на теснецот

Заземањето на Перим не значи дека Хутите веднаш можат целосно да го затворат Баб ел-Мандеб. Во регионот се присутни воени бродови од повеќе држави, а Европската Унија ја спроведува одбранбената поморска операција „Аспидес“ за заштита на комерцијалните пловила.

Сепак, присуството на Хутите на островот им овозможува подобро набљудување на бродскиот сообраќај и потенцијално распоредување ракети, беспилотни летала и друга воена опрема поблиску до пловната рута.

Новиот развој на настаните создава можност Иран и неговите сојузници да располагаат со поголемо влијание во близина на двата најважни енергетски премини на Блискиот Исток – Ормускиот Теснец и Баб ел-Мандеб. Секоја натамошна ескалација би можела да предизвика нови нарушувања на светската трговија, раст на транспортните трошоци и дополнителен притисок врз цените на нафтата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс