Хутите во Јемен напредувале на само 80 километри од Аден, привремената престолнина на меѓународно признатата влада, отворајќи нов фронт во војната што сè повеќе се прелева низ Блискиот Исток. Ова е нивно најблиско приближување до градот од 2015 година, кога накратко успеаја да влезат во него.
Четири воени извори потврдиле за Ројтерс дека бунтовниците го зазеле округот Ал Макатирија по тридневна офанзива, принудувајќи ги владините сили да се повлечат кон Тур ал Баха, каде што на 2 ноември продолжуваат жестоките борби.
Напредувањето претставува сериозна закана за стратешкиот пат што ги поврзува Аден и опколениот град Таиз, но и за владините позиции во планинскиот појас над Баб ел Мандеб, еден од најважните светски поморски премини.
Борбите се приближуваат до Аден
Според информациите на Ројтерс, судирите се концентрирани околу воен камп на влезот во округот Тур ал Баха, на приближно 80 километри од Аден.
Хутите ја започнале офанзивата пред три дена, а според воените извори, успеале да ги потиснат владините сили од Ал Макатирија.
Оваа планинска област има големо стратешко значење бидејќи овозможува контрола врз патните правци меѓу јужниот дел на Јемен и Таиз.
Во изминатите недели Хутите ги засилиле нападите и врз самиот Аден. Според Ројтерс, бил нападнат аеродромот во градот, а во октомври била погодена и претседателската палата.
Сепак, состојбата на фронтот останува променлива. Ројтерс не успеал независно да ги потврди сите територијални позиции за кои известуваат воените извори.
Во опасност е еден од најважните светски поморски премини
Новата офанзива доаѓа по септемвриското напредување на Хутите долж брегот на Црвеното Море, во близина на теснецот Баб ел Мандеб.
Овој премин ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив и претставува клучна поморска рута за транспорт на нафта и други стоки меѓу Азија, Блискиот Исток и Европа.
Контролата врз околните планински позиции би можела да им овозможи на Хутите дополнителен притисок врз владините сили што го обезбедуваат пристапот до теснецот.
Тоа би значело и нов ризик за поморскиот сообраќај и саудискиот извоз на нафта, во период кога регионалниот конфликт веќе ги нарушува енергетските текови.
Евентуално дополнително загрозување на Баб ел Мандеб би можело да ги зголеми трошоците за транспорт и притисокот врз светските цени на енергенсите.
Опколениот Таиз останува без храна, гориво и лекови
Военото напредување има и сериозни хуманитарни последици.
Таиз, третиот по големина град во Јемен, е под опсада од почетокот на октомври, кога Хутите го пресекле главниот пат кон Аден.
Според информациите на Ројтерс, борбите и опсадата принудиле повеќе од 100.000 луѓе да ги напуштат своите домови, додека во градот се чувствува недостиг од храна, гориво и лекови.
Новата офанзива дополнително ја усложнува состојбата во земјата, каде што примирјето постигнато со посредство на Обединетите нации во 2022 година со години го ограничуваше интензитетот на војната.
Со обновувањето на големите воени операции, Јемен повторно станува едно од клучните жаришта на поширокиот регионален конфликт.
Додека борбите се приближуваат до Аден, главната опасност веќе не е само можноста за нови територијални освојувања, туку и загрозувањето на поморските патишта преку кои се одвива значаен дел од светската трговија.
