ХОПС – Опции за здрав живот Скопје објави нов практичен прирачник за правата на граѓаните при контакт со полицијата.
Материјалот е наменет пред сè за млади луѓе, но може да биде корисен за секој што сака на едноставен и разбирлив начин да дознае што смее да направи полицијата, што мора да објасни и кои права ги има лицето во текот на постапката.
Прирачникот обработува ситуации поврзани со легитимирање, полициски преглед, претрес на лице, претрес на дом и други простории, лишување од слобода, приведување, право на адвокат и право да се извести член на семејството или друго лице по избор. Во него има и информации за поднесување претставка доколку некој смета дека неговите права биле повредени.
Одговор на искуствата на младите со полицијата
Прирачникот е подготвен по онлајн анкета што ХОПС ја спровел меѓу млади луѓе во рамките на кампањата Support. Don’t Punish.
Според организацијата, дел од анкетираните пријавиле претреси без јасно образложение, профилирање поради изгледот, навреди, понижувачки третман и страв што влијаел врз нивната подготвеност да побараат здравствена или друга поддршка.
Од ХОПС посочуваат дека недоволното познавање на правата често создава дополнителен страв и чувство на несигурност, па целта на прирачникот е граѓаните да знаат што можат да очекуваат и како да постапат во различни ситуации.
Покрај законските информации, публикацијата содржи и практични совети за смирено и информирано постапување при контакт со полицијата, како и насоки каде може да се побара дополнителна правна помош.
Прирачникот е изработен со средства обезбедени преку Донаторскиот кружок организиран од Конект, со поддршка од граѓани и донатори. Неговото објавување е дел од кампањата преку која ХОПС се залага за политики засновани на човекови права, јавно здравје и поддршка наместо казнување.