Холандската помош за Киев надмина милијарда евра со новиот буџет

Холандија одобри нови 327 милиони евра исклучиво за санирање на разурнатата украинска енергетска мрежа и критична инфраструктура.
Фото: X/@ZelenskyyUa

Холандската влада ќе издвои дополнителни 327 милиони евра за обнова и заздравување на Украина во периодот од 2027 до 2029 година, објави кабинетот во Хаг при презентацијата на новиот буџет за надворешни работи и развојна соработка. Овие средства се додаваат на претходно ветените 878 милиони евра цивилна поддршка, со што вкупната невоена помош од оваа земја го надминува прагот од една милијарда евра.

Новиот финансиски пакет има строго дефинирана намена. Според соопштението на холандската влада, парите директно ќе се искористат за поправка на енергетскиот систем, кој трпи постојани удари, како и за санација на останатата критична јавна инфраструктура.

Дел од средствата ќе завршат како директна хуманитарна помош за цивилното население, додека посебен сегмент е предвиден за одржување на украинскиот приватен сектор во воени услови. Од Хаг порачуваат дека политичката, финансиската и воената поддршка за Киев ќе продолжат во координација со сојузниците од НАТО и партнерите од Европската Унија.

Одлуката за Украина е дел од поширок финансиски пакет. Вкупниот буџет за развојна соработка за 2027 година добива дополнителна 1.1 милијарда евра, покрај милијардата што веќе беше зацртана со коалицискиот договор. Овој фонд покрива згрижување бегалци, владеење на правото и климатски проекти.

Паралелно со помошта за Киев, Холандија издвојува 35 милиони евра за ширење на сопствената дипломатска мрежа. Планот предвидува отворање нови амбасади и конзулати на брзорастечките пазари и во геополитички стратешките региони, каде што се прекршуваат европските безбедносни интереси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс