Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека во Македонија не е увезен спорниот производ од брендот „Хип“, откако во Австрија и дел од Европа беа повлечени одредени бебешки кашички поради сомнежи за контаминација. Од АХВ велат дека досега немаат добиено нотификација преку европскиот Систем за брзо известување за небезбедни производи RASFF дека на домашниот пазар е пласиран небезбеден производ, а дополнително и овластениот дистрибутер писмено ја известил институцијата дека конкретната кашичка воопшто не била увезена во земјава.
Станува збор за 190-грамско пакување во стаклена тегличка, со вкус на морков и компир, кое е предмет на повлекување и истрага во Австрија и во неколку европски земји, откако примероци во Австрија, Словачка и Чешка дале позитивен тест на отров за стаорци. Според АХВ, спорната серија не е присутна на македонскиот пазар, а институцијата ја следи состојбата и најавува дека доколку се јави потреба, навремено ќе реагира.
Од Агенцијата соопштија дека од операторот со храна, односно овластениот дистрибутер на производите на „Хип“ за Македонија, добиле писмено известување дека во земјава воопшто нема увезено од спорниот производ. Истата порака стигна и од HiPP Македонија, од каде дополнително посочуваат дека кашичката со морков и компир воопшто не се продава кај нас, а останатите производи од брендот што се достапни на домашниот пазар подлежат на редовни контроли при увоз и се безбедни за употреба.
Според австриските власти, постои сомнеж дека дошло до манипулација со теглички за петмесечни бебиња што се продавале во супермаркетите „Шпар“ во Австрија. Првиот примерок со позитивен тест бил регистриран на 18 април, а производителот соопшти дека повлекувањето е превентивно и не е поврзано со проблем во производството или квалитетот, туку со кривично дело што во моментов е предмет на истрага.
Полицијата на австриската покраина Градиште соопшти дека сомнителните производи можат да се препознаат по бела налепница со црвен круг на дното од теглата, но и по можен оштетен или веќе отворен капак, необичен или расипан мирис, како и по тоа што при првото отворање може да изостане вообичаениот звук на пукање. Тестирањата биле направени откако еден купувач пријавил сомнеж за манипулација со тегла, иако никој не ја консумирал храната од неа.
Во меѓувреме, продавници во Словачка и Чешка ги повлекоа од продажба сите теглички од овој тип, а локалните власти издадоа предупредувања за препознавање на сомнителните производи. Отровот за стаорци обично содржи бромадиолон, супстанца што го спречува згрутчувањето на крвта, а според австриските здравствени власти голтањето може да предизвика крвавење, модринки и крв во столицата, при што симптомите може да се појават два до пет дена по внесувањето.
Засега, пораката од надлежните во Македонија е дека нема причина за паника, бидејќи спорната HiPP кашичка не стигнала до домашните потрошувачи, а институциите остануваат во координација со европските системи за безбедност на храната.