ХЕРА: Абортусот со лекови стана скопска привилегија, со години не се носат лекови

На скопската клиника со апчиња се изведуваат 93,5 отсто од прекините на бременост, додека во внатрешноста увозот редовно доцни.

Северна Македонија има воспоставена правна рамка за медикаментозен абортус, но реалната достапност до оваа здравствена заштита сè уште запира на влезот во Скопје. По повод 28 септември, Меѓународниот ден за безбеден абортус, здружението ХЕРА алармира дека клучните лекови не се регистрирани во земјата и зависат од интервентен увоз, поради што жените надвор од главниот град со месеци чекаат за терапија или се принудени на хируршки зафати.

„Безбеден абортус не значи само законски дозволен абортус. Тој значи навремена, достапна, квалитетна и доверлива здравствена услуга, без финансиски, географски и други бариери. По повод 28 септември – Меѓународниот ден за безбеден абортус, ХЕРА се приклучува кон овогодишната глобална кампања ‘Солидарност во акција: Унапредување на репродуктивната правда и итно зајакнување на здравствените системи за сеопфатна грижа за абортус’, со порака дека абортусот е здравствена грижа и мора да биде достапен за сите“ истакнуваат од Хера.

Од организацијата информираат дека во 2024 година, на национално ниво биле регистрирани 2.207 абортуси, од кои 36% биле медикаментозни, додека на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје медикаментозниот метод бил користен кај 93,5% од абортусите, што според Хера, ја покажува потребата услугата да биде достапна и во другите јавни здравствени установи низ земјата, а не само во Скопје.

„Медикаментозниот абортус е безбедна, високо ефективна и неинвазивна метода за прекинување на бременоста, која се спроведува со употреба на лекови, наместо со хируршка интервенција. Според Светската здравствена организација, абортусот е многу безбедна здравствена интервенција кога се спроведува со препорачан метод, соодветен на гестациската возраст. Медикаментозниот абортус може безбедно да се обезбедува и во примарната здравствена заштита, со соодветно обучени здравствени работници. ХЕРА во континуитет работи на јакнење на капацитетите на здравствените работници и проширување на пристапот до медикаментозен абортус“ велат од Хера.

Во јули 2026 година, ХЕРА во партнерство со Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола го отвори првото Советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје, со што жените од Пелагонискиот и соседните региони добија пристап до услугата поблиску до местото на живеење. Советувалиштето е второ од ваков вид во јавното здравство и е воспоставено по моделот што од 2021 година функционира на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. 

„Сепак, жените и понатаму може да останат без пристап до медикаментозен абортус поради недостиг на лекови. Лековите за медикаментозен абортус не се регистрирани за ставање во промет во земјата и се обезбедуваат преку интервентен увоз. Секоја година навремената набавка и снабдувањето претставуваат предизвик, поради што услугата може да биде недостапна и по неколку месеци“ истакнуваат од Хера.

Како што нагласуваат тие, правото на абортус не завршува со тоа што услугата е законски дозволена. Вистинскиот пристап значи жената да може да добие навремена, безбедна и квалитетна здравствена услуга таму каде што живее, без непотребни финансиски и организациски бариери. 

Отворањето на Советувалиштето во Битола покажува дека децентрализацијата е можна и дека здравствениот систем може да ја доближи услугата до жените. Следниот чекор е овој модел да стане одржлив и достапен и во другите региони.

За да се обезбеди еднакво достапна грижа за абортусот, ХЕРА повикува на:

  • регистрација на лековите за медикаментозен абортус и нивна редовна и навремена достапност во здравствениот систем; 
  • децентрализација и воспоставување услуги за медикаментозен абортус во повеќе јавни здравствени установи, особено надвор од Скопје; 
  • зголемување и одржливо финансирање на средствата за медикаментозен абортус и контрацепција во рамки на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца;
  • континуирано јакнење на капацитетите на здравствените работници за обезбедување квалитетна грижа за абортусот, заснована на современи медицински докази и со почитување на приватноста, достоинството и информираната согласност. 

„На 28 септември, ‘Солидарност во акција’ значи да не се задоволиме само со законско право на абортус, туку да изградиме здравствен систем кој овозможува тоа право да се оствари во пракса. Без разлика каде живеат, колку заработуваат или со какви други бариери се соочуваат, жените заслужуваат безбедна, навремена, доверлива и квалитетна здравствена грижа. Абортусот е здравствена грижа – и пристапот до неа мора да биде реален за сите“ велат од Хера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс