По еден од најжестоките украински напади врз Москва во последните две години, Русија најави дека ќе продолжи со удари врз цели во Украина кои, според Москва, се важни за борбената готовност на украинските сили.
Во нападите со беспилотни летала била погодена и московската рафинерија за нафта, по што избувнал пожар. Киев, пак, порача дека нема да се откаже од одмазднички напади, тврдејќи дека токму притисокот врз Русија е начин агресорот да биде принуден на мир.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва ќе продолжи со редовни напади врз цели во Украина, додека украинската страна повтори дека ќе возвраќа сè додека трае руската агресија.
Во меѓувреме, рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов ги поздрави руските акции во Донецк. Белорусија, пак, испрати протестна нота до вршителот на должноста амбасадор на Украина во Минск, поради напад со беспилотни летала врз автобус во кој се превезувале белоруски граѓани.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека по завршувањето на самитот на Г7 разговарал со американскиот и францускиот претседател. Тој разговорот го оцени како важен и порача дека „може многу да промени“.
Војната во Украина повторно во фокусот на ЕУ
Војната во Украина е една од главните теми и на дводневниот самит на Европската унија во Брисел. Лидерите разговараат за продолжување на воената и финансиската поддршка за Киев, мировните напори, но и за европските амбиции на Украина.
Портпаролот на Европскиот совет соопшти дека лидерите на 27-те земји членки едногласно одлучиле да ги продолжат санкциите против Русија за уште една година.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро во Брисел оцени дека воспоставувањето комуникациски канал со Русија е „позитивен“ и „неопходен“ чекор, бидејќи, според него, таков дијалог може да помогне во отворање преговори за завршување на војната.
Претходно беше објавено дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, воспоставил дипломатски контакт со Москва.
Најмалку шест повредени во напад врз Харков
Најмалку шест лица, меѓу кои и три деца, се повредени во руски напад врз Харков, во североисточна Украина, соопшти градоначалникот Игор Терехов.
Тој на Телеграм објави дека во нападот се оштетени повеќе од 40 куќи и еден магацин, а по ударите избувнал и пожар.
Службите за итни случаи се на терен.