Министерството за здравство проверува можни злоупотреби со листите на чекање за операциии

Од Министерството засега не соопштуваат колку случаи се предмет на проверка, но најавуваат дека по завршувањето на контролите јавноста ќе биде информирана за резултатите и евентуалните мерки

Министерството за здравство проверува можни злоупотреби поврзани со листите на чекање за операции, откако биле добиени информации за случаи во кои пациенти биле враќани од закажани оперативни зафати поради наводно несоодветни лабораториски резултати. Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска изјави дека институцијата има сознанија за ситуации во кои пациентите биле упатувани повторно да прават крвна слика непосредно пред операција, а по повторените анализи се покажувало дека резултатите се во ред.

„Имаме информации за можни злоупотреби и тие случаи се проверуваат. Не смееме да дозволиме пациентите да бидат изложени на дополнителни трошоци, стрес и одложувања без оправдана причина“, изјави Алиу.

Тој најави дека Министерството ќе ги испита сите пријави и ќе утврди дали станува збор за изолирани случаи или за поширока практика во здравствениот систем. Министерот повтори дека не се откажува ниту од идејата за воведување електронска евиденција на присуството на лекарите и медицинскиот персонал преку отпечаток од прст.

Според него, ваков систем веќе функционира во дел од здравствените установи, а целта е да се обезбеди поголема отчетност и да се потврди присуството на вработените на нивните работни места.

„Законски и согласно договорите за работа, лекарите и медицинскиот персонал треба да бидат на своите работни места. Со овој систем ќе има јасна евиденција за нивното присуство“, рече Алиу.

Од Министерството засега не соопштуваат колку случаи се предмет на проверка, но најавуваат дека по завршувањето на контролите јавноста ќе биде информирана за резултатите и евентуалните мерки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс