Светските здравствени власти интензивно ги следат патниците кои биле на крузерот MV Hondius, по појавата на епидемија на хантавирус, при што досега починаа три лица, а потврдени се пет случаи на зараза. Според податоците на СЗО, станува збор за андски сој на хантавирус, редок вид што, за разлика од повеќето хантавируси, во одредени случаи може да се пренесува и од човек на човек.
Меѓу жртвите се холандска брачна двојка и германски државјанин. Покрај петте потврдени случаи, здравствените власти испитуваат уште три сомнителни инфекции.
Следење на патници од 12 држави
Операторот на крузерот соопшти дека се контактирани сите патници кои се симнале од бродот на островот Света Елена во јужниот Атлантик на 24 април. Станува збор за луѓе од најмалку 12 држави, меѓу кои Велика Британија, САД, Канада, Франција, Данска, Сингапур и Швајцарија.
Во Швајцарија веќе е потврден еден позитивен случај кај маж кој патувал со бродот и бил хоспитализиран по враќањето дома.
Здравствените власти во повеќе американски сојузни држави на САД, ги следат патниците кои се вратиле од крузерот. Засега, повеќето од нив немаат симптоми.
СЗО: „Ова не е Ковид“
Од СЗО повторија дека ризикот за пошироката јавност останува низок.
„Ова не е коронавирус. Ова е многу поинаков вирус и не сме во ситуација како пред шест години“, изјави Марија Ван Керхове, директорка за управување со епидемии во СЗО.
Според организацијата, преостанатите патници на бродот, кој плови кон Канарските острови ќе бидат под посебен здравствен надзор кога ќе пристигнат викендов. Во моментов, кај нив не се забележани симптоми.
Трамп: „Се надеваме дека е под контрола“
За ситуацијата се огласи и американскиот претседател Donald Trump, кој изјави дека е информиран за случајот.
„Се надеваме дека е под контрола“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека се надева оти нема причина за поголема загриженост кај американската јавност.
Американскиот Центар за контрола на болести соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и го класифицирал настанот како итен одговор од „ниво 3“, иако проценува дека ризикот за населението е „екстремно низок“.
Што е хантавирус?
Хантавирусите најчесто се пренесуваат преку контакт со измет, урина или плунка од заразени глодари. Вообичаено не се пренесуваат меѓу луѓе, но андскиот сој, кој е регистриран во Јужна Америка, претставува редок исклучок.
Инфекцијата може да предизвика тешка пневмонија и респираторни компликации, а смртноста кај потешките случаи достигнува и до 40 проценти.