Хакерски обиди на Икс: Еве како да го заштитите профилот

Корисници ширум светот пријавуваат несакани известувања и барања за ресетирање лозинки, но од компанијата велат дека засега нема докази за успешен упад или преземање на сметки


Корисниците на социјалната мрежа Икс (X), поранешен Твитер, пријавуваат зголемен број несакани известувања и барања за ресетирање лозинки, што предизвика загриженост за безбедноста на профилите и личните податоци. Случајот се појави во периодот по лансирањето на X Money, новата платежна услуга на платформата, поради што се појавија сомнежи дека напаѓачите можеби се обидуваат да дојдат до кориснички сметки поврзани со финансиски услуги.

Сепак, важно е да се нагласи дека самото добивање известување за ресетирање лозинка не значи дека профилот е хакиран.

Според информациите објавени од компанијата, злонамерни лица користат јавно достапни кориснички имиња за автоматски да иницираат барања поврзани со промена на лозинката. На тој начин корисниците добиваат голем број непобарани пораки, иако можеби никој не успеал да пристапи до нивните сметки.

Инженерот на Икс, Мридул Сингеј, потврдил дека безбедносните тимови го истражуваат зголемениот број пријави. Според него, досегашните анализи не покажале докази за успешен упад во системот или за неовластено преземање на кориснички сметки. Од компанијата им се извиниле на корисниците поради големиот број пораки и ги повикале да бидат внимателни додека трае истрагата.

Како да го заштитите профилот?

Вклучете двофакторска автентикација

2FA додава дополнителен слој на заштита. Дури и ако некој ја дознае вашата лозинка, за пристап до профилот ќе му биде потребен и вториот фактор за автентикација. Кога е достапна опцијата, уште подобра заштита може да обезбеди безбедносен клуч или апликација за автентикација.

Не реагирајте на непобарани барања за промена на лозинка

Ако не сте побарале ресетирање на лозинката, не кликајте на линковите во пораката. Наместо тоа, директно отворете ја апликацијата Икс или официјалната веб-страница и проверете ги безбедносните поставки од таму.

Проверете ја активноста на профилот

Проверете од кои уреди и локации е пристапувано до вашата сметка. Ако забележите непознат уред или активност што не ја препознавате, преземете мерки за обезбедување на профилот.

Користете уникатна и силна лозинка

Не користете иста лозинка за Икс и за други услуги. Ако една лозинка биде компромитирана на друга платформа, напаѓачите можат да се обидат да ја искористат и на вашите други профили.

Внимавајте на фишинг-пораки

Хакерите често ја користат паниката предизвикана од безбедносни предупредувања за да ги натераат корисниците да кликнат на лажни линкови.

Ако добиете порака дека профилот е загрозен, прво проверете дали навистина доаѓа од Икс. Не внесувајте лозинка или други податоци на страница до која сте стигнале преку сомнителен линк.

Најважно е корисниците да не паничат: непобараното известување за ресетирање лозинка само по себе не е доказ дека профилот е компромитиран. Но, доколку ваквите пораки продолжат, проверката на безбедносните поставки и активирањето двофакторска автентикација се меѓу најдобрите чекори за дополнителна заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс