Долга колона автомобили е забележана на граничниот премин „Богородица“, на излез од Македонија кон Грција.
Според снимките од камерите, околу 6:45 часот возилата биле наредени во повеќе колони и чекале за преминување на границата.
Зголемената фреквенција е очекувана поради продолжениот викенд, кој многу граѓани го користат за патување кон грчкото крајбрежје. Дополнителен притисок создава и вообичаената смена на туристите кон крајот на август.
Најголем наплив кон Грција се очекува во петок и сабота, додека во недела се очекува засилен сообраќај во обратна насока, од Грција кон Македонија. Можно е подолго задржување и на грчката страна од границата.
Од „Богородица“ патниците кон Грција можат да користат и алтернативни гранични премини. За оние кои патуваат кон Солун, Аспровалта и Халкидики, како алтернатива се препорачува преминот Дојран, додека за западна Грција и Јонското Море може да се користи Меџитлија.
Возачите се советуваат пред патувањето да ја проверат актуелната состојба на граничните премини и, доколку е можно, да го избегнат периодот со најголема фреквенција.