Патниците кои планираат да заминат во Грција овој викенд треба да сметаат на значително подолго чекање на границите. Поради продолжениот викенд по повод празникот Илинден, се очекува еден од најфреквентните периоди од летната сезона.
Најголем сообраќаен притисок се прогнозира на граничните премини Евзони и Дојран, каде што се очекуваат километарски колони. Дополнителен метеж ќе создадат и редовната смена на туристичките аранжмани, како и големиот број патници кои ќе патуваат кон грчките летувалишта.
Најголеми гужви кон Грција се очекуваат во петок и во текот на сабота до пладне, додека при враќањето најголем метеж се предвидува во понеделник попладне и навечер. Доколку е можно, патниците се советуваат да го приспособат времето на поаѓање за да избегнат повеќечасовно чекање.