Вештачката интелигенција добива нова адреса вселената. Гугл започнува со првите тестови на свои специјализирани процесори за вештачка интелигенција во орбитата, како дел од амбициозниот истражувачки проект „Сончeр“.
Во рамките на претстојната мисија „Транспортер-18“ на „СпејсИкс“, најверојатно во текот на следната недела, во ниската Земјина орбита треба да биде испратен прототип на сателит развиен во соработка со компанијата „Планет“.
Целта на првиот експеримент не е веднаш да се изгради „вселенски дата-центар“, туку да се провери дали хардверот воопшто може да ги издржи условите надвор од Земјата. Во центарот на тестирањето се Тензор процесорските единици (TPU) на Гугл – чипови специјално развиени за задачи поврзани со машинско учење и вештачка интелигенција.
Чиповите ќе минат низ екстремни услови
При лансирањето, леталото за само околу десет минути стигнува до ниската Земјина орбита, но во тој краток период е изложено на силни вибрации и забрзување до 10 G. Одредени компоненти, меѓу кои и чиповите, можат да бидат изложени на уште поголеми механички оптоварувања – од 50 до 100 G.
Затоа опремата претходно била тестирана на вибрациони платформи долж сите три оски, со симулација на условите што се очекуваат при лансирањето. Според Гугл, хардверот успешно ги поминал овие тестови. Во орбитата, сепак, го очекуваат уште еден сет предизвици: радијација, големи температурни разлики и услови кои значително се разликуваат од оние во кои функционираат компјутерските системи на Земјата.
Зошто ВИ би се преселила во вселената?
Зад проектот стои идеја што звучи како научна фантастика, но има конкретна инженерска логика. Сателитите во орбитата можат да имаат пристап до сончева светлина во многу поголем дел од времето отколку соларните панели на Земјата. Според концептот што го истражува Гугл, тоа би можело да овозможи производство на значително повеќе енергија по единица површина.
Долгорочната визија е поврзување на повеќе сателити во орбитални констелации кои би можеле да обработуваат сложени задачи поврзани со вештачката интелигенција. Тоа би значело дека дел од инфраструктурата што денес се наоѓа во огромни дата-центри на Земјата еден ден би можела да се премести во вселената.
Но, до такво сценарио има многу чекори.
Од тест на чип до вселенски дата-центар
Гугл нагласува дека развојот на вселенска компјутерска инфраструктура е долгорочен процес кој може да трае со години. Првиот услов е едноставен: чиповите мора да преживеат. Потоа треба да се решат проблемите со напојувањето, ладењето, комуникацијата со Земјата, одржувањето на опремата и заштитата од радијација.
Дури откако овие предизвици ќе бидат совладани, би можело да се размислува за поголеми орбитални системи способни да извршуваат сериозни ВИ задачи. Проектот „Сончeр“ затоа не значи дека Гугл утре ќе ги пресели своите дата-центри во вселената. Засега станува збор за експеримент што треба да покаже дали една од клучните компоненти на идната ВИ инфраструктура воопшто може да функционира во орбитата.
Но ако технологијата се покаже како изводлива, трката за ВИ во иднина можеби нема да се води само меѓу дата-центрите на Земјата. Можно е следната голема компјутерска инфраструктура да биде – над нашите глави.