Гром усмрти 97 црноноси овци на швајцарските Алпи

Удар на гром усмрти 97 црноноси овци во швајцарскиот регион Вале. Несреќата се случила на алпска ливада на височина од 2.503 метри.

Удар на гром усмртил 97 црноноси овци во швајцарскиот регион Вале, објави новинската агенција Keystone-SDA.

Околу 80 животни го преживеале ударот, додека угинатите овци биле пренесени од планината во низина со хеликоптер.

Инцидентот се случил во текот на ноќта на алпска ливада на Егерхорн, во долината Бин, јужно од Рона, на височина од 2.503 метри.

Стадото било во ограден простор

Според одгледувачот на овците, животните стоеле едно до друго во ограден простор, што порано не било вообичаено, но денес станало неопходно поради заштита на стадата.

Одгледувачите во Швајцарија сè почесто предупредуваат на брзото ширење на популацијата на волци, што ги загрозува стадата и ги принудува да воведуваат мерки за заштита кои претходно не биле потребни.

Илјадници удари на гром за само неколку часа

За разорниот удар прва информирала интернет-страницата Pomona.

Несреќата се случила по силни грмотевични бури што зафатија големи делови од Швајцарија по подолг топлотен бран.

Метеоролошката служба SRF Meteo до четврток вечер регистрирала дури 26.000 удари на гром во рок од само неколку часа.

Препознатлива швајцарска раса

Црноносите овци се швајцарска раса типична за регионот Вале. Препознатливи се по свитканите рогови, густото бело руно, црно врамени очи и црна муцка.

Оваа раса е ценета поради волната и месото, но има и важна улога во одржувањето на планинскиот предел.

Со пасењето, овците ја одржуваат тревата ниска на стрмните алпски ливади и придонесуваат за зачувување на традиционалниот изглед на швајцарските планински предели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс