Поранешниот специјален пратеник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, остро реагираше по одлуката на Специјализираните совети во Хаг со која поранешниот косовски претседател Хашим Тачи беше осуден на 25 години затвор. Гренел ја нарече пресудата скандалозна, оценувајќи дека станува збор за политички прогон и побара од косовските власти да го распуштат судот во Холандија.
Во реакција објавена на платформата Икс, Гренел порача дека одлуката со која Тачи е прогласен за виновен за воени злосторства претставува директен удар врз правдата. Според него, меѓународните судови дозволуваат академски и политички структури да пресудуваат за настани стари четврт век.
„Овие тројца судии и американскиот обвинител се левичарски лудаци. Очигледно не ги слушаа советниците на Бил Клинтон кои јасно кажаа дека Тачи не раководеше со војната“, напиша Гренел, додавајќи дека финансирањето на овие институции треба веднаш да прекине.
Гренел директно го повика косовскиот премиер Албин Курти да преземе правни чекори за укинување на судот во Хаг. Тој наведе дека на Косово не му е потребен суд сместен во странска држава.
Американскиот функционер истовремено упати апел до Министерството за правда на САД и државниот обвинител Тод Бланш за итна реакција. Гренел посочи дека американските даночни обврзници плаќаат за, како што рече, политички процеси што мора да бидат запрени.
Судот во Хаг изрече првостепени затворски казни за поранешните челници на Ослободителната војска на Косово. Покрај Тачи, Јакуп Красниќи исто така доби 25 години затвор. Кадри Весели беше осуден на 18, додека Реџеп Селими доби казна од 13 години затвор за воени злосторства.