Од утре почнува грејната сезона во Скопје: Проверете дали радијаторите се во добра состојба

Парното во Скопје се вклучува на 13 октомври, два дена пред редовниот почеток на грејната сезона. ЕСМ апелира да се завршат поправките на радијаторите и внатрешните грејни инсталации.

Од утре, 13 октомври, почнува грејната сезона 2026/2027 за потрошувачите приклучени на системите за централно греење во Скопје со кои управува АД ЕСМ. Пониските температури овозможуваат парното да се вклучи два дена пред редовниот почеток на сезоната, на 15 октомври.

Според информациите од ЕСМ, за утре е прогнозирана средна надворешна температура од 12 степени, со што се исполнети условите за испорака на топлинска енергија.

Проверете ги радијаторите и пријавете ги дефектите

Пред вклучувањето на парното, проверете дали има капење или влажни траги околу радијаторите, вентилите и споевите на цевките. Ако забележите протекување или оштетување, пријавете го проблемот и побарајте стручно лице за поправка.

Од ЕСМ потсетуваат дека редовното одржување на внатрешните грејни инсталации е обврска на потрошувачите. Завршените интервенции треба веднаш да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, за да се овозможи непречена испорака на топлина.

За парно во зградата, потстаницата мора да биде подготвена

Заедниците на сопственици треба да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници, функционални електрични инсталации и редовно напојување со струја. Потребно е навреме да бидат подмирени и сметките за електрична енергија за потстаниците.

Потрошувачите можат на веб-страницата на ЕСМ Снабдување да проверат дали нивната зграда е на списокот на објекти без услови за испорака на топлина.

Каде да пријавите проблем со греењето?

За информации, пријавување дефекти и известување за завршени поправки, потрошувачите на ЕСМ Снабдување можат да се јават на 02 3076 200 и 075 400 100.

За корисниците на ЕСМ Енергетика, контакт-телефоните се 02 3104 816 и 02 3104 872.

е-Трн да боцка во твојот инбокс