Грција разгледува нов начин за наплата на сообраќајните казни направени со изнајмени автомобили. Еден од предлозите е потврдената глоба да може да се наплати од картичката што туристот ја оставил како гаранција при изнајмувањето на возилото.
Идејата доаѓа од грчките општини, кои предупредуваат дека голем број казни за странски туристи остануваат ненаплатени откако тие ќе ја напуштат земјата. На Крит, на пример, посочуваат дека наплатата на казни од 50 или 70 евра може да бара долга административна постапка.
Според предлогот, rent-a-car компанијата би ги доставувала податоците за корисникот на возилото, по што би можело да следува наплата преку картичката оставена како гаранција. Се разгледува и можноста казните да бидат поврзани со осигурителниот аранжман.
За воведување автоматска наплата потребни се законски измени, а возачите и понатаму имаат право да ја оспорат казната во предвидениот рок.
Во меѓувреме, Грција забрзано го дигитализира системот за сообраќајни прекршоци, вклучително и постапката со компаниите за изнајмување автомобили, со цел полесно да се идентификува кој го управувал возилото кога е направен прекршок.