Изложбата „Градот во мене“ на м-р Александар Џинго беше отворена синоќа во Ликовната галерија при Центарот за култура, во присуство на голем број љубители на уметноста.
Отворањето започна со настап на хорот „Св. Петка“, кој изведе македонска песна, по што актерката Марија Спиркоска Илиеска се осврна на творештвото на Џинго, опишувајќи го како уметник со слободен дух, мисла и израз.

„Секое дело и секој лик имаат своја приказна – од каде доаѓаат, што чувствуваат и каде заминуваат. Важно е што земаме од градот и неговите позитивни страни, за и самите да оставиме позитивни дела“, истакна Спиркоска Илиеска, посакувајќи му на авторот да продолжи да сонува и да создава.
За најновиот циклус говореше и Бранче Трајкоски, кој посочи дека делата воспоставуваат врска со историјата на уметноста преку академскиот реализам, а со современоста комуницираат преку апстракцијата. На тој начин, според него, се создава моќна фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам.

Тој нагласи дека делата се одликуваат со внимателна рамнотежа меѓу цртежот со јаглен и контролираната линија, од една страна, и сликарскиот колорит реализиран со маслени бои, мрсен пастел и акрил, од друга.
Колоритот се движи од монохроматски до полихроматски решенија, изразени преку слободни и динамични потези. Комбинацијата на техники го дефинира трансформативниот стил на композициите, на кои им дава просторност, елеганција и препознатлив авторски печат.

Според Трајкоски, станува збор за интроспективни остварувања во голем формат, со силно визуелно присуство, кои му овозможуваат на гледачот да ги препознае сопствените емоции и влијанијата од надворешната средина.
Изложбата „Градот во мене“ е поддржана од Министерството за култура и туризам.