Во заливот Принц Вилијам на Алјаска се наоѓа едно од најнеобичните населени места во светот. Малото гратче Витиер има околу 200 жители, а најголемиот дел од нив живеат на иста адреса – во зградата Бегич Тауерс.
Зградата со 14 ката била изградена во 1950-тите за потребите на американската војска, а по нејзиното заминување била претворена во станбен комплекс. Денес таму, освен станови, има пошта, продавница, полициска станица, амбуланта, пералница и градска администрација.
Поради суровите зими со екстремно ниски температури и големи количества снег, жителите речиси и да немаат потреба да излегуваат надвор за секојдневните обврски. Поради тоа Витиер често го нарекуваат „град под еден покрив“.
Училиштето е единствената поважна зграда надвор од комплексот, но и до него учениците и наставниците стигнуваат преку посебен тунел кој ја поврзува со станбената зграда. Решението е создадено поради тешките временски услови, бидејќи зимите во овој дел од Алјаска траат со месеци.
Дополнителна особеност на Витиер е единствениот пат што води до градот. Тој минува низ речиси четири километри долг тунел „Антон Андерсон Меморијал“, кој истовремено го користат автомобили и возови.
Бидејќи тунелот има само една лента, сообраќајот се одвива според однапред утврден распоред. Во текот на ноќта тој се затвора, па оние што ќе го пропуштат последниот термин мора да чекаат до следниот ден.
Во зимските месеци Витиер е мирно и тивко место, но летото носи голем број туристи. Во пристаништето пристигнуваат крузери кои пловат низ живописниот залив, а локалната економија покрај туризмот се потпира и на рибарството и поморските услуги.
Овој мал град покажува како луѓето можат да се приспособат на најтешките климатски услови и да создадат уникатен начин на живот.