Гостиварската болница за 24 часа прегледала 198 пациенти поради проблеми поврзани со водата

Во Општата болница во Гостивар за едно деноноќие биле прегледани 198 пациенти со здравствени проблеми поврзани со загадената вода, а еден е префрлен на Инфективната клиника.

Во Општата болница во Гостивар во изминатите 24 часа биле прегледани вкупно 198 пациенти поради здравствени проблеми поврзани со загадената вода, информира директорот на болницата, Емри Бајрами.

Еден пациент бил упатен на лекување на Инфективната клиника во Скопје.

Според податоците што ги соопшти Бајрами, на Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75 деца, додека во Ургентниот центар лекарска помош побарале уште 12 лица.

Бајрами истакна дека засега нема промени во клиничката слика кај пациентите.

„Клиничката слика и понатаму се карактеризира со стомачни тегоби, а поретко се јавуваат треска и покачена телесна температура“, изјави директорот на болницата.

Речиси 3.100 здравствени контакти од почетокот на состојбата

Министерот за здравство Сашо Клековски вчера соопшти дека од почетокот на епидемиолошката состојба досега се евидентирани речиси 3.100 здравствени контакти.

Во оваа бројка влегуваат прегледите и јавувањата преку Здравствениот дом, Општата болница, телефонските јавувања и интервенциите на Итната медицинска помош.

Клековски посочи дека првиот пациент бил прегледан на 14 јули, а на 19 јули за првпат бил забележан пад на бројот на нови приеми.

Според здравствените власти, тоа е прв индикатор дека состојбата постепено се стабилизира.

е-Трн да боцка во твојот инбокс