ОЈО и ИЈЗ не им кажуваат на докторите во Гостивар што има во водата

Директорот на болницата Емри Бајрами вели дека тој и лекарите дознаваат од медиуми, додека над 3.000 луѓе се лекуваат без познат причинител.

Директорот на Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, кардиологот Емри Бајрами, потврди дека ниту тој ниту лекарите не се известени за резултатите од испитувањата на водата од градскиот водовод, иако тие се готови. Обвинителството и Институтот за јавно здравје досега не ги споделиле со болницата, а над 3.000 луѓе пријавиле симптоми на повраќање, дијареа и треска.

„Нема ништо официјално. Читаме на портали и ние“, одговори докторот Бајрами на прашање од „Слободен печат“ дали резултатите од испитувањата на водата им се искомуницирани нему или на лекарите. На прашањето дали болницата независно спровела свои испитувања, тој одговори дека земени се примероци за копрокултура, но резултатите сè уште не се готови.

Над 3.000 луѓе на возраст од 1 до 80 години пријавиле симптоми на повраќање, дијареа, треска и истоштеност. Сите се третираат симптоматски, во зависност од тоа кој симптом го покажуваат. Причинителот останува непознат.

На прес-конференција во Владата беше побарано граѓаните да се потпираат само на официјалните информации од институциите, кои токму за најважниот дел, изворот на епидемијата, недостасуваат.

Микробиологот професор доктор Никола Пановски изјави дека е кривично дело здравствените власти да не го соопштат изворот на епидемија ако го знаат. Според него, Институтот за јавно здравје и микробиолозите треба да работат на откривање на причинителот наместо да молчат под изговор дека трае предистрага. Тој предупреди дека доколку пациент почине додека резултатите се задржани поради истрага, а подоцна се покаже дека познавањето на причинителот ќе овозможело соодветна терапија, тоа претставува казниво дело.

Пановски додаде дека е запишан на Медицинскиот факултет од 1973 година и никогаш не слушнал таков случај. Тој оцени дека вода во град со илјадници жители како Гостивар треба да се проверува најмалку еднаш дневно, и постави прашање зошто ИЈЗ ги чека само испитувањата нарачани од Обвинителството. Според неговите наводи, земени се само 12 примероци од 1.500 пријавени случаи, а требало да бидат земени барем 100.

е-Трн да боцка во твојот инбокс