„Госпоѓа Бовари“ повторно на сцената во Битола по успешната премиера

По успешната премиера, претставата „Госпоѓа Бовари“ повторно ќе биде изведена пред битолската публика на 4 јули во Народниот театар Битола. Режисер е Дејан Пројковски, а претставата, инспирирана од романот на Гистав Флобер, носи современо читање на приказната за слободата, страста и личниот избор.

Народниот театар Битола на 4 јули, со почеток во 20 часот, повторно ќе ја изведе претставата „Госпоѓа Бовари“ на Големата сцена, по успешната премиера што привлече голем интерес кај публиката.

Претставата е режирана од Дејан Пројковски и е инспирирана од едно од најзначајните дела на француската литература – романот „Госпоѓа Бовари“ од Гистав Флобер. Во неа, преку приказната за Ема Бовари, се отвораат теми за копнежите, личната слобода, судирот меѓу желбите и општествените норми, како и последиците од изборите што човекот ги прави во животот.

Режисерот Пројковски посочува дека ова дело обработува универзални прашања што остануваат актуелни и денес.

„Госпоѓа Бовари носи со себе вечни теми. Таа е еден вид женски ‘Хамлет’ – поединец кој се спротивставува на системот, на општествените и моралните рамки, додека се обидува да ја зачува сопствената слобода и право на избор“, истакнува Пројковски.

Во претставата, ликот на Ема Бовари е поставен меѓу телесните страсти и духовната потрага по смисла, создавајќи силен драмски конфликт што ја движи целата приказна. Улогата на Ема ја толкува Маја Андоновска Илијевски, додека во актерската екипа настапуваат Никола Стефанов, Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Мартин Мирчевски, Сандра Грибовска Илиевска, Петар Мирчевски, Борче Ѓаковски и Ива Лазарова.

Авторскиот тим го сочинуваат асистентот на режија Андреј Цветановски, драматургот Сашо Димовски, сценографот Валентин Светозарев, костимографот Андреј Ѓоргиевски, кореографката Олга Панго, композиторот Горан Трајкоски и видео-дизајнерот Сергеј Светозарев. За светло, тон и техничката реализација се задолжени Игор Мицевски, Александар Димовски, Владимир Переловски, Оливер Петровски и Гордана Михајловска.

Од Народниот театар Битола информираат дека една од варијантите на плакатот е дело на Михајло Димитриевски – Мичо, додека вториот плакат, изработен од Сергеј Светозарев, ќе биде претставен во септември, кога претставата ќе го продолжи својот фестивалски живот.

„Госпоѓа Бовари“ е наменета за публика постара од 16 години и претставува едно од најновите сценски остварувања на Народниот театар Битола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс