На 17 јуни, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведен балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, поставен во два чина и инспириран од безвременскиот роман на Гистав Флобер.
Претставата ја носи приказната за Ема Бовари, жена растргната меѓу сопствените соништа, потребата за страст и слобода, и ограничувањата на средината во која живее. Иако романот е создаден во 19 век, темата за внатрешната борба на жената меѓу личната желба и општествените очекувања останува силно актуелна и денес.
Во насловната улога настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, додека Шарл Бовари го толкува Франциско Хименез Руиз, а Родолф Буланже – Балаж Лочеи. Во останатите улоги настапуваат Дмитро Чеботар, Ендру Кук и Ангела Богатинова, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Диригент на претставата е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, а кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина. Со прецизен и современ сценски јазик, кореографијата ја следи емотивната комплексност на главниот лик и го пренесува духот на времето во кое е сместена приказната.
Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл. Сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист е Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
„Госпоѓа Бовари“ е балетска интерпретација на едно од најзначајните дела на светската книжевност. Преку внимателно избрана музика, впечатлива кореографија и визуелно раскошна сценска поставка, претставата нуди длабоко и возбудливо театарско искуство за публиката.