Британскиот актер Доминик Монахан изјави дека е подготвен да се врати во улогата на хобитот Мери во идните филмски проекти од светот на „Господар на прстените“. Тој потврди дека веќе разговарал со креативниот тим предводен од Питер Џексон за потенцијално појавување во новите филмови, истакнувајќи дека нема намера да дозволи друг актер да го преземе неговиот лик доколку се отвори простор за враќање на екранот.
Во интервју за „Скрин рент“ (ScreenRant), Монахан посочи дека физички сè уште може да го долови ликот на Мери со соодветна подготовка. Тој направи споредба со колегите од оригиналната трилогија, нагласувајќи дека возраста не треба да биде пречка за повторно влегување во улогата.
„Ако Ијан Мекелен сè уште може да го глуми Гандалф, мислам дека и јас можам да го глумам Мери. Би рекол дека Елајџа и јас сме веројатно сè уште најмладите меѓу хобитите. Сите изгледаат младо, но Били и Шон се значително постари од нас двајцата. Ќе направам сè што треба за да изгледам младо. Сè уште сум слаб, а можам и да ги обојам овие бели влакна во косата и брадата“, изјави Монахан.
Актерот додаде дека разговорите со Питер Џексон, Френ Волш и Филипа Бојенс засега биле неодредени, но неговиот став останува непроменет: „Не можам да дозволам тоа да го прави некој друг“.
Желбата на Монахан доаѓа во период кога продукцијата активно работи на претстојниот филм „Ловот на Голум“ (The Hunt for Gollum), што го режира Енди Серкис. Дејството на филмот е сместено во периодот меѓу настаните од „Хобит“ и „Дружината на прстенот“, а премиерата во кината е закажана за 17 декември 2027 година.
Сценариото го подготвуваат Фиби Гитинс, Арти Папагеоргиу и Филипа Бојенс. Покрај режисерската палка, Серкис повторно ќе го игра Голум. Во актерската екипа на новиот проект се најавени Џејми Дорнан како Арагорн, Кејт Винслет во улогата на Маригол, Ли Пејс како Трандуил и Лео Вудал како Халвард.
Враќање на своите култни ликови најавија и Ијан Мекелен (Гандалф) и Елајџа Вуд (Фродо), кој неодамна изјави дека повторното снимање на Нов Зеланд по речиси три децении го доживува како семејна средба.
Монахан смета дека филмската екипа планира долгорочен развој на приказните од Средната земја, следејќи ги моделите на големите холивудски универзуми.
„Мислам дека целиот тим од Нов Зеланд сака да го изгради овој свет на Средната земја на истиот начин на кој тоа го направија ‘Војна на ѕвездите’, ‘Ѕвездени патеки’ и ‘Марвел’. Свесни се дека светот на Средната земја и ‘Господар на прстените’ е долгорочно исплатлив проект што публиката навистина го сака“, нагласи актерот.