Цените на горивата во Европа повторно силно растат, а геополитичката криза поврзана со војната со Иран дополнително го притиска енергетскиот пазар. Според податоците на Евростат, во август горивата во Европската Унија биле просечно 23,8 отсто поскапи отколку во истиот месец минатата година, при што поскапување е регистрирано во 26 од 27 земји членки.
На бензинските пумпи низ Европа веќе се бележат рекордни или близу рекордни цени, додека владите подготвуваат мерки за да го ограничат ударот врз граѓаните и економијата.
Во Германија бензинот достигна 2,30 евра
Во Германија просечната цена на бензинот достигна историски рекорд од 2,30 евра за литар. Владата во Берлин најави мерки за ублажување на поскапувањето, кои треба да стапат во сила од 1 октомври. Торстен Фрај, шеф на пратеничката група на владејачката ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, порача дека на граѓаните им е потребно конкретно олеснување. Канцеларот Фридрих Мерц, пак, потврди дека државата ќе реагира на, како што беше наведено, неоправданите поскапувања.
Во Австрија ситуацијата е слична. Дизелот ја надмина границата од 2,30 евра за литар. Јирген Рот од Здружението на трговци со енергенси при Стопанската комора на Австрија предупреди дека повеќе не може да се исклучи сценарио во кое дизелот би достигнал 3 евра за литар. Според него, високите цени не значат автоматски поголема заработка за дистрибутерите, бидејќи нивната маржа по литар е фиксна.
Дизелот во Франција над 2,40 евра
Особено силен ценовен удар има во Франција. Просечната цена на дизелот достигна рекордни 2,41 евро за литар, а на околу 700 бензински станици цената веќе надминала 2,50 евра. На некои мерни места дизелот се приближил и до границата од 3 евра – достигнувајќи 2,90 евра за литар.
Поскапува и бензинот. Безоловниот СП95 во просек чини 2,25 евра, додека СП98 надминува 2,28 евра за литар.
Високите цени доведоа и до необични, но ризични реакции. На социјалните мрежи се појавија снимки од возачи кои во резервоарите ставаат прехранбено или преработено растително масло наместо дизел. Технички експерти предупредуваат дека растителните масла немаат исти својства како дизелот и дека кај современите мотори можат да предизвикаат сериозни оштетувања на системите за вбризгување.
Француската царинска служба дополнително предупредува дека користењето прехранбено масло како гориво може да претставува царински прекршок, со можност за парична казна и заплена на возилото.
И Словенија ја проби границата од 2 евра
Во Словенија дизелот за првпат ја надмина границата од 2 евра и достигна 2,012 евра за литар. Бензинот БМБ 95 чини 1,748 евра, додека лож-горивото достигна 1,635 евра. Словенечкото Министерство за инфраструктура и енергетика посочува дека без државната регулација и даночните олеснувања, дизелот на пумпите веќе би ја надминал границата од 2,30 евра.
Каде најмногу поскапело горивото?
Според Евростат, најголем годишен раст на цените на горивата во август е регистриран во:
- Бугарија – 34,5 отсто
- Литванија – 28,8 отсто
- Финска – 27,6 отсто
- Германија – 27,5 отсто
- Франција – 27,4 отсто
Вкупно гледано, просечната цена на горивата во ЕУ била 23,8 отсто повисока отколку во август минатата година.
Растот создава дополнителен инфлаторен притисок врз европските економии, бидејќи поскапото гориво ги зголемува и трошоците за транспорт, производство и логистика.
Владите подготвуваат помош, но проблемот е поширок
Франција подготвува таргетирана помош за најзагрозените возачи. Францускиот министер задолжен за буџетот, Давид Амиел, ја исклучи можноста за универзални субвенции и посочи дека мерките треба да бидат насочени кон оние што најтешко го поднесуваат ценовниот удар. Во стручните кругови сè почесто се споменува и можноста за воведување данок на прекумерна добивка на ниво на Европската Унија, при што средствата би се пренасочувале кон потрошувачите.
Колку долго ќе трае ценовниот шок во голема мера ќе зависи од развојот на геополитичката криза и состојбата на глобалниот пазар на нафта и нафтени деривати. За европските потрошувачи, сепак, последицата веќе е видлива: полн резервоар станува сè поскап, а границата од 3 евра за литар веќе не изгледа како далечна можност.