Гори кај Кванташки пазар во Скопје: Пет пожари активни низ Македонија

ЦУК регистрира 13 пожари на отворен простор до 13 часот – шест се изгаснати, два се ставени под контрола, а пожарникарите сè уште се борат со активните жаришта.

Пожар кај депонија во близина на Кванташкиот пазар во скопската општина Гази Баба е едно од петте активни жаришта во земјава, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според последните податоци, до 13 часот денеска се регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор. Од нив, пет се активни, два се ставени под контрола, а шест се целосно изгаснати.

Покрај пожарот кај Кванташкиот пазар, активен е и пожар на ниска вегетација во селото Страчинци, исто така во скопскиот регион. Пожарникарите интервенираат и кај селото Маркова Сушица во општина Студеничани.

Активни пожари има и во други делови од земјата – во општина Струга, во атарот на селото Јабланица, каде што гори ниска вегетација, како и во општина Чешиново-Облешево, кај селото Уларци.

Под контрола се ставени пожарите меѓу селата Слатина и Грешница во општина Македонски Брод, каде што беше зафатена деградирана дабова шума и ниска вегетација, како и пожарот кај селото Долно Татеши во Струшко.

Во текот на денот пожарникарите успеале да ги изгаснат пожарите кај гробиштата во Драчево (Кисела Вода), депонијата во Визбегово (Бутел), како и пожарите кај селата Опила (Ранковце), Брвеница, Неготино (Врапчиште) и на местото Бурки – Долно Егри во Битолско.

Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од ширење на пожари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс