Голема промена на скопскиот аеродром: Патниците повеќе нема да ги вадат лаптопите од багажот

Скопскиот аеродром доби нови CT безбедносни скенери вредни еден милион евра. Контролите ќе бидат побрзи, а електронските уреди повеќе нема да се вадат од рачниот багаж.

Патниците на Меѓународниот аеродром Скопје отсега ќе поминуваат побрзо и полесно низ безбедносните контроли, благодарение на два нови скенери со компјутерска томографија (CT), во кои се инвестирани околу еден милион евра.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, скопскиот аеродром е првиот на Балканот што ја воведува оваа современа технологија, која значително ја подобрува безбедноста и го забрзува процесот на проверка на рачниот багаж.

Крај на вадењето лаптопи и таблети

Со новите скенери, патниците повеќе нема да мора да ги вадат лаптопите, таблетите и мобилните телефони од торбите за време на безбедносната проверка.

„Сакаме да го намалиме стресот кај патниците и да им овозможиме побезбедно и попријатно патничко искуство. Со новата технологија, електронските уреди можат да останат во багажот, а контролата ќе биде многу побрза и поефикасна“, изјави Курт.

Инвестиции од 50 милиони евра

Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, истакна дека соработката со ТАВ Македонија резултирала со инвестиции од околу 50 милиони евра во инфраструктурни проекти низ државата.

Таа нагласи дека паралелно продолжуваат и активностите за модернизација, реконструкција и проширување на Охридскиот аеродром. Според надлежните, новите CT скенери не само што ќе ја подигнат безбедноста на повисоко ниво, туку ќе придонесат и за побрз проток на патници, особено во периодите со зголемен број летови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс