Голем напад со дронови врз Русија: Гори клучното пристаниште за извоз на нафта

Засега не е соопштено дали пожарите во Уст-Луга предизвикале прекин или ограничување на извозот на нафта и нафтени деривати.

Во руското пристаниште Уст-Луга, на брегот на Балтичкото Море, избувнаа пожари по напад со дронови. Станува збор за едно од најважните руски транспортни центри за извоз на енергенси, особено нафта и нафтени деривати. Регионалниот гувернер Александар Дрозденко објави дека противвоздушната одбрана соборила повеќе од 50 дронови над Ленинградската област. Според него, во областа околу Уст-Луга, која е клучна за извозот на руска нафта, продолжува одбивањето на нападот.

Засега нема информации за точниот обем на штетата.

Нападот се вклопува во украинската стратегија за гаѓање на руски капацитети поврзани со производство, преработка и извоз на нафта, како и транспортни рути. Целта на ваквите удари е да се намалат приходите на Москва и да се изврши дополнителен притисок врз Русија поради војната.

Нападот се случува во време на зголемени тензии околу Балтичкото Море. Во петокот борбени авиони соборија дрон кој навлегол во воздушниот простор на Летонија, соопштија вооружените сили на оваа членка на НАТО и Европската Унија. Истовремено, Финска привремено ограничи пловидба во делови од Балтичкото Море, како мерка на претпазливост поради активностите поврзани со нападите со дронови.

Засега не е соопштено дали пожарите во Уст-Луга предизвикале прекин или ограничување на извозот на нафта и нафтени деривати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс