Американските разузнавачки служби споделиле со повеќе европски земји извештај за можен напад со руски дронови во Европа, насочен кон цели во Шпанија, Франција или Италија, објави шпанскиот весник „Ел Мундо“, а информацијата ја пренесува и „Еуроњуз“.
Според извештајот, едно од сценаријата предвидува дроновите да бидат лансирани од трговски бродови во Медитеранот, кои би изгледале како дел од вообичаениот поморски сообраќај.
На тој начин леталата би можеле да стигнат до цели во јужна Европа без претходно да минуваат низ копнените граници на НАТО.
Руски дронови во Европа би можеле да полетуваат од бродови
„Ел Мундо“ наведува дека во потенцијалното сценарио се споменува рускиот дрон „Гербера“, летало долго околу два метри и тешко 18 килограми, со дострел до околу 600 километри и брзина од приближно 160 километри на час.
Весникот, повикувајќи се на анонимни извори во литванското Министерство за одбрана, наведува дека дронот може да носи релативно мало количество експлозив. Потенцијалната цел, според оваа процена, би можела да биде нарушување на работата на инфраструктура, предизвикување пожар или демонстрирање способност за напад далеку од источната граница на НАТО.