Ѓорѓиевски најавува почеток на БРТ, проект што ВМРО-ДПМНЕ четири години го кочеше во Советот

Градоначалникот вели дека се прават финалните координации со ЕБОР, а најавува и измени со кои ќе се зачува булеварското зеленило.

Финалните координации за реализацијата на Брзиот автобуски превоз (БРТ) се во тек, објави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски по работната средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која е финансиер на проектот.

Станува збор за проект што беше најавен и испланиран уште во времето кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, но беше ставен во мирување за време на мандатот на Данела Арсовска, бидејќи советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржуваа потребните одлуки во Советот на Град Скопје.

На средбата со директорот на ЕБОР во Македонија, Фатих Туркменоглу, како и со Билјана Милошеска и Даница Пишева Исајловска, биле направени финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимизацијата на проектот.

„Нашите заложби се Скопје да добие модерен, брз, сигурен и еколошки јавен превоз, создаден според современите европски стандарди и реалните потреби на граѓаните. По преземањето на мандатот, преку интензивна координација со Владата, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и сите надлежни институции, го деблокиравме проектот што со години беше закочен“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој додава дека БРТ нема да се реализира на сметка на булеварското зеленило, туку дека проектот предвидува дополнително зеленило и нови зелени површини.

Дополнително, Ѓорѓиевски најави дека паралелно со Министерството за транспорт работат и на воведување градски воз, набавка на 100 нови автобуси преку Владата и оптимизација на автобускиот превоз во градот.

Иронијата е што проектот денес се претставува како стратешка инвестиција што треба да му донесе на Скопје побрз, почист и помодерен јавен превоз, иако токму ВМРО-ДПМНЕ четири години го блокираше неговото напредување во Советот на Град Скопје. Сега, кога градоначалникот е од редовите на истата партија, БРТ повторно е претставен како едно од клучните решенија за сообраќајниот хаос во главниот град.

е-Трн да боцка во твојот инбокс