Во ова село нема ниту еден пат – до домот, училиштето и продавницата се стигнува само со чамец

Гитхорн е уникатно холандско село без улици за автомобили. Жителите и туристите се движат по каналите со чамци, а токму тоа го прави една од најпосетуваните дестинации во Холандија.

На северот на Холандија се наоѓа живописното село Гитхорн, кое поради својата уникатна архитектура и мрежата од канали често го нарекуваат „холандска Венеција“. Во неговото старо јадро нема улици за автомобили, туку канали поврзани со повеќе од 170 дрвени мостови.

Куќите со традиционални покриви од трска се изградени на мали островчиња, секоја со сопствен двор. Наместо улица пред влезната врата има вода, а наместо паркиран автомобил – врзан чамец.

Каналите не биле создадени како туристичка атракција. Тие настанале пред неколку векови како последица на ископувањето тресет, кој жителите го користеле како гориво. Со текот на времето ископите се наполниле со вода и се поврзале во денешната мрежа од канали.

Чамците и денес се главното превозно средство. Со нив се превезуваат намирници, мебел и градежен материјал, а најчесто се користат тивки електрични чамци за да се зачува мирната атмосфера по која селото е препознатливо.

Иако автомобилите не се забранети во целото населено место, тие не можат да влезат во историскиот дел. Возилата се оставаат на паркинзите на периферијата, а понатаму се продолжува пеш или со чамец.

Гитхорн има помалку од 3.000 жители, но секоја година привлекува стотици илјади туристи од целиот свет. Поради растечкиот број посетители, локалното население сè почесто разговара за начини како да го зачува мирот и автентичноста што го направија ова село светски познато.

е-Трн да боцка во твојот инбокс