Голем шумски пожар во западна Германија принуди околу 1.800 жители да ги напуштат домовите, откако огнената стихија почна да се шири кон село во близина на белгиската граница.
Властите рано утрово наредија итна евакуација на жителите на селото Геј (Gey) и ги упатија во привремен прифатен центар во основно училиште во соседното место Штрас. На луѓето им било препорачано да ги земат само најнеопходните работи, документите и лековите.
Пожарот досега зафатил околу 25 хектари шума, а на терен се ангажирани голем број пожарникари и други итни служби. Поради огнот е затворен и регионалниот пат B399. Причина за загриженост е и состојбата со сушата. Големи делови од Германија во моментов се соочуваат со зголемен ризик од шумски пожари, додека високите температури дополнително го сушат растителниот материјал.
Европа во последните години бележи сè поинтензивни топлотни бранови и пожари, а германскиот случај е уште едно предупредување колку брзо пожарот може да стигне до населените места.