Германска компанија ја затвора фабриката во Скопје, се сели во Полска

„БМЗ“ до крајот на годинава го затвора погонот во ТИРЗ зоната, а околу сто вработени чекаат исход по преговорите со нов инвеститор.

Германската компанија „БМЗ“, производител на батериски системи, до крајот на годинава ќе ја затвори фабриката во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје и производството ќе го пренесе во Полска. Одлуката, донесена по сеопфатна економска анализа, засега околу сто вработени во македонската подружница, потврдија за „Телма“ од компанијата и од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

Во дописот до јавноста, „БМЗ“ порача дека го препознава влијанието што одлуката ќе го има врз вработените во Северна Македонија. Компанијата додаде дека е целосно посветена транзицијата да ја комплетира одговорно, транспарентно и со почит кон сите вработени.

Од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони велат дека инвеститор кој подолго време работи во земјава сака да преземе дел од вработените на „БМЗ“, но не откриваат за кого станува збор. Во наредните денови, според Дирекцијата, во земјава се очекува и друг странски инвеститор од Европската Унија, со кој ќе се разговара за преземање на погонот. Не е познато дали станува збор за компанија од автомобилската индустрија или од друг сектор.

„БМЗ“ не е прв случај годинава. Претходно, „Аптив“ соопшти дека до крајот на годината исто така ќе го затвори својот погон во земјава. Американската „Дура“ веќе го напушти пазарот, а за неа Дирекцијата најави дека ќе бара враќање на дел од доделената државна помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс