Наглото поскапување на авионското гориво повторно ја става европската авијација под силен притисок, а од Германија пристигнуваат предупредувања дека патниците би можеле директно да ги почувствуваат последиците во форма на поскапи билети.
Претставници од германската авиоиндустрија посочуваат дека цената на керозинот значително пораснала поради нестабилноста на светските пазари и геополитичките тензии, особено на Блискиот Исток. Бидејќи горивото претставува еден од најголемите трошоци за авиокомпаниите, секое зголемување веднаш се пренесува на крајната цена на билетите.
Според германските медиуми, дел од авиопревозниците веќе размислуваат за намалување на бројот на летови на помалку профитабилни линии, додека други би можеле да воведат дополнителни доплати за патниците. Најпогодени се очекува да бидат нискобуџетните летови и туристичките рути. Аеродромските оператори предупредуваат дека доколку трендот продолжи, летната сезона може да донесе нов бран поскапувања, што директно ќе влијае врз семејните патувања и туризмот во Европа.
Експертите додаваат дека ситуацијата се следи и на ниво на Европска Унија, бидејќи намалувањето на летови би можело да има пошироки последици врз економијата и туристичкиот сектор. Во меѓувреме, патниците се советуваат да ги следат информациите од авиокомпаниите, бидејќи можни се промени во распоредите, дополнителни такси и корекции на цените на билетите.
Во спротивен контекст, македонскиот вицепремиер Александар Николоски изјави дека снабдувањето со керозин е стабилно и дека државата располага со резерви за 90 дена, што е над законскиот минимум. Тој нагласи дека и покрај глобалните турбуленции, се планираат нови авиолинии од аеродромите во Скопје и Охрид. Меѓу новите дестинации се најавуваат летови кон Виена, Краков, Вроцлав, како и италијанските градови Палермо и Алгеро. Според властите, ова треба да ја зајакне поврзаноста и да обезбеди поголема туристичка понуда, и покрај глобалните предизвици во авио-секторот.