Германија ќе испрати борбени авиони во Латвија за да помогне во обезбедувањето на воздушниот простор за време на претстојните парламентарни избори. Одлуката следува по неколку инциденти со дронови кои ја зголемија загриженоста за безбедноста на источното крило на НАТО. Четири авиони од типот „Еурофајтер“ ќе бидат стационирани во базата Лиелварде кон крајот на септември, соопшти германското Министерство за одбрана.
Четирите германски авиони „Еурофајтер“ ќе бидат распоредени во воздухопловната база Лиелварде во централна Латвија, каде што ќе останат околу една недела, од крајот на септември до почетокот на октомври.
Латвиските власти официјално побараа дополнителна поддршка од сојузниците во НАТО за заштита на воздушниот простор во пресрет на парламентарните избори закажани за 3 октомври. Заедно со леталата, Германија испраќа и неколку десетици припадници на воениот персонал.
Авионите припаѓаат на Тактичкото воздухопловно крило 74 од Нојбург на Дунав. Тие ќе оперираат во рамките на проширената мисија на НАТО, Air Policing North, која претставува составен дел од интегрираниот систем за противвоздушна и противракетна одбрана на Алијансата.
Официјална Рига годинава забележа неколку нарушувања на воздушниот простор со беспилотни летала.
Во јуни, борбени авиони на НАТО соборија странски дрон над источниот дел на земјата. Втор инцидент се случи во август, кога уште едно летало беше уништено. Латвиските власти подоцна појаснија дека августовскиот дрон бил од украинско потекло, кој најверојатно влегол од територијата на Белорусија откако скршнал од курсот поради руско електронско онеспособување.
Латвиското Министерство за одбрана предупреди дека вакви упади на туѓи беспилотни летала се можни сè додека трае руската војна против Украина.
Германскиот ангажман на Балтикот нема да заврши со мисијата во Латвија.
Берлин одделно најави дека во периодот од декември до март ќе распореди борбени авиони и во естонската воздухопловна база Емари, продолжувајќи ја ротацијата за заштита на сојузничкото небо на североистокот на Европа.