Германија подготвува нова серија депортации од земјата: први на ред се млади мажи

Владата сака оваа есен да ја прошири проверката на заштитниот статус на Сиријците. Како прва група се споменуваат млади мажи кои патуваат сами и примаат социјална помош.

Германија планира да ја прошири проверката на заштитниот статус на сириските државјани, а првите на кои би можела да се однесува новата политика се млади мажи кои живеат сами во Германија, не работат и примаат социјална помош. Министерот за внатрешни работи Александар Добринт најави дека процесот на укинување на заштитата ќе се проширува постепено, но официјално Берлин нагласува дека секој случај мора да се разгледува одделно.

Германското Министерство за внатрешни работи потврди дека Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) веќе постепено ги проширува проверките на заштитниот статус на Сиријците. Министерството наведува дека заштитата може да остане на сила само додека постои потреба за неа и дека, со промените во состојбата во Сирија, во одредени случаи ќе се преиспитува дали и понатаму постојат условите за заштита.

Кој би бил прв на ред?

Пратеникот и портпарол за внатрешна политика на пратеничката група ЦДУ/ЦСУ, Александар Тром, изјави дека проверката би требало да започне со млади мажи кои дошле сами во Германија, не работат и примаат социјална помош. Тром за германскиот Редакциски мрежен сервис (РНД) изјавил дека луѓето кои работат, како лекари или медицински сестри, би можеле да преминат на друг вид дозвола за престој поврзана со вработување.

Министерот за внатрешни работи Александар Добринт, пак, изјавил дека барањето за напуштање на Германија наскоро би можело да се прошири и на млади мажи кои патуваат сами, доколку се процени дека можат да се издржуваат во Сирија.

Не значи дека сите автоматски ќе бидат депортирани

Клучна разлика е што губењето на заштитниот статус не значи автоматски депортација. Според германското Министерство за внатрешни работи, за враќање во земјата лицето прво мора да биде правосилно обврзано да ја напушти Германија, а тоа се утврдува поединечно од надлежните органи.

И актуелната практика покажува дека депортациите во Сирија сè уште се ограничени. Според германската влада, во првата половина на 2026 година биле спроведени само три депортации на сириски државјани во Сирија. Во 2025 година имало една таква депортација. Причина е и тоа што враќањето зависи од соработката со сириските власти и од условите за спроведување на секој конкретен случај.

Колку Сиријци живеат во Германија?

Според податоците на германската влада, на крајот на јуни 2026 година во Германија имало 915.840 сириски државјани. Од нив, 640.304 имале дозвола за престој, 70.018 имале дозвола за трајно населување, а 61.370 биле во постапка за азил. За 9.856 лица било утврдено дека се обврзани да ја напуштат Германија – од нив 6.781 со привремена толеранција на престој и 3.075 без таква толеранција.

Бројот на сириските државјани е намален во однос на крајот на 2025 година, кога во Германија биле регистрирани 936.286.

Сè повеќе проверки на заштитниот статус

Промената на германската политика веќе се гледа во статистиката. Во првата половина на 2026 година БАМФ разгледал 8.320 случаи на Сиријци со претходно одобрен статус. Во 23,2 отсто од случаите проверката завршила со укинување или повлекување на заштитата. За споредба, во текот на целата 2025 година таков исход имало кај 3,7 отсто од проверените случаи, а во 2024 година кај 3,1 отсто.

Германските власти наведуваат дека подобрувањето на хуманитарната и безбедносната состојба во делови од Сирија е една од причините поради кои се прошируваат проверките. Но, германското Министерство за надворешни работи нагласува дека состојбата во Сирија и понатаму е сложена и дека постојат различни извештаи кои се земаат предвид при проценката.

Берлин сака и повеќе доброволни враќања

Покрај можноста за укинување на заштитниот статус, ЦДУ/ЦСУ бара и поголема финансиска поддршка за доброволно враќање на сириските државјани. Според Тром, во нацрт-буџетот за 2027 година веќе се предвидува зголемување на средствата за оваа намена. Во моментов финансискиот поттик изнесува 1.000 евра за секое возрасно лице. Така Германија постепено го менува пристапот кон сириските бегалци: од систем во кој заштитата беше широко одобрувана поради војната, кон индивидуални проверки на тоа дали условите за заштита и понатаму постојат.

Сепак, меѓу политичките најави за пошироки враќања и реалното спроведување на депортациите сè уште постои значителна разлика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс