Сѐ повеќе Германци не сакаат во војска, расте бројот на приговори на совеста

Во Германија расте бројот на граѓани кои одбиваат воена служба, додека земјата се обидува да го зголеми бројот на припадници на Бундесверот. Новите податоци покажуваат дека сѐ повеќе млади поднесуваат приговор на совеста.
Ilustracija: EPA

Во Германија е забележан значителен пораст на бројот на лица кои одбиваат да служат војска, што претставува нов предизвик за плановите на владата за зајакнување на вооружените сили.

Само во првиот квартал од годинава, 2.656 лица поднеле приговор на совеста, со што побарале да бидат ослободени од воена служба. За споредба, во текот на целата 2025 година ваков приговор поднеле 3.867 лица, додека во 2024 година бројката изнесувала 2.998.

Аналитичарите сметаат дека порастот е поврзан со влошената безбедносна состојба во Европа, како и со новиот германски модел за воена служба.

Иако Германија не го врати задолжителниот воен рок, од 2026 година сите мажи родени по 2008 година мора да се регистрираат и да пополнат прашалник за потенцијална воена служба, додека за жените тоа останува доброволно. Доколку нема доволно доброволци, парламентот ќе може да одлучува за воведување задолжителна служба.

Германската влада планира бројот на активни припадници на Бундесверот да се зголеми од околу 180.000 на 260.000 војници во наредните години, но инсистира дека целта првенствено ќе се постигне преку доброволно приклучување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс