Германија е секојдневно изложена на хибридни напади од странски сили кои имаат цел политички и општествено да ја ослабат земјата преку предизвикување страв, предупреди германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт. Реакцијата на германските власти следува по спречениот инцидент и сомнежите за обид за напад со дрон наполнет со експлозив на аеродромот Лајпциг/Хале, што дополнително ги алармираше безбедносните служби во Берлин.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт во изјава за медиумите истакна дека иако Германија формално не се наоѓа во воена состојба, земјата постојано се соочува со разни облици на непријателски дејствија од странство.
„Не сме во војна, но сме секојдневна мета на хибридно војување. Шпионажа, саботажа, кибер-напади или тајни операции се дел од реалноста со која се соочуваме“, порача Добринт.
Според него, целта на овие операции е дестабилизација на институциите и внесување несигурност меѓу граѓаните, поради што државата мора соодветно да одговори на новите безбедносни предизвици.
Поводот за последната реакција е сомнежот за обид за изведување напад со дрон кој носел експлозивно полнење во близина на аеродромот Лајпциг/Хале. Овој логистички и транспортен јазол се смета за критична инфраструктура, поради што инцидентот веднаш беше класифициран како потенцијален чин на саботажа.
Германските безбедносни органи веќе спроведуваат детална истрага за потеклото на беспилотното летало и за лицата или организациите кои стојат зад оваа операција.
Поради зачестените закани од ваков тип, сојузната влада планира дополнително да ги прошири истражувањата и развојот на одбранбени технологии. Фокусот ќе биде ставен на системи за детекција, пресретнување и неутрализација на ненајавени или непријателски дронови околу клучните објекти во земјата.
Добринт нагласи дека инвестициите во модерна одбранбена технологија и подобрувањето на координацијата меѓу разузнавачките и полициските служби се приоритет за зачувување на националната безбедност.