Германија значително ја засилува одбраната од дронови, особено околу аеродромите, откако беспилотните летала сè почесто се перципираат како безбедносна закана. Германското Министерство за внатрешни работи планира бројот на специјалци за борба против дронови во рамките на Сојузната полиција да го зголеми на 300, наместо досега планираните околу 130.
Нивната задача ќе биде да ги откриваат, лоцираат, пресретнуваат и, доколку е потребно, неутрализираат беспилотните летала. Паралелно, Германија планира и зголемување на бројот на специјализирани центри. Наместо досегашните четири, низ земјата треба да функционираат осум центри за одбрана од дронови, со цел во случај на инцидент да може побрзо да се интервенира.
Аеродромите под посебен надзор
На најголемите германски аеродроми веќе се модернизира опремата за откривање и неутрализирање на дронови. Мобилни тимови и опрема може да бидат преместени во краток рок во зависност од безбедносната ситуација.
Дополнително, германскиот Центар за воздухопловство и вселенски истражувања (DLR) најави отворање нов технолошки центар за безбедност од дронови на 18 август во Кохштет кај Магдебург, каде што ќе се развиваат и тестираат нови процедури за заштита.
Инцидентот кај Лајпциг ја зголеми загриженоста
Еден од последните инциденти што ја засили дебатата се случи на аеродромот Лајпциг/Хале. Таму бил откриен дрон со експлозивна направа во близина на украински товарни авиони. Според извештаите цитирани од германските медиуми, беспилотното летало намерно се движело кон украински авион „Антонов“ и удрило во неговото крило.
Експлозивот, сепак, не детонирал. Според досегашните информации, направата најверојатно се откачила при ударот и била пронајдена на одредено растојание од дронот. Случајот дополнително ја отвори дискусијата за тоа дали Германија има доволно средства и јасни правила за справување со вакви закани.
Дали Бундесверот ќе може да интервенира?
Во Германија веќе се слушаат и барања за промена на законската рамка за да може армијата полесно да помогне во вакви ситуации. Германскиот Устав поставува строги ограничувања за употребата на Бундесверот на територијата на земјата. Полицијата е надлежна за внатрешната безбедност, додека армијата во принцип е задолжена за одбрана од надворешни закани.
Премиерот на Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гинтер, предупреди дека кај дроновите границата меѓу надворешна и внатрешна закана станува сè потешка за утврдување и повика да се разгледа можноста за промена на Основниот закон.
Од германската влада, пак, засега оценуваат дека постојната правна рамка е доволна. Германија, во меѓувреме, забрзано ја гради својата мрежа за заштита од дронови – од специјализирани полициски единици и мобилна опрема до нови технолошки центри. Причината е едноставна: дронот што некогаш беше пред сè цивилна технологија, сè почесто се третира и како потенцијално безбедносно оружје.