Шефовите на германските безбедносни служби денеска пред Бундестагот во Берлин предупредија дека Германија е под напад веќе сега, а не во 2029 година како што гласеа претходните проценки. Првиот човек на сојузната служба БНД Мартин Јегер и директорот на службата за заштита на уставот Синан Селен порачаа дека земјата се соочува со секојдневни руски саботажи и дека постои реален ризик Берлин да биде вовлечен во директен насилен конфликт со Москва.
Претседателот на Сојузната разузнавачка служба (БНД), Мартин Јегер, за време на јавното сослушување во парламентот посочи дека безбедносната состојба драстично се менува. Според неговата оцена, Русија во моментов претставува најопасниот фактор за германската безбедносна архитектура.
„Во овој момент ниту една друга земја не претставува толку директна, сеопфатна и конкретна закана за Германија“, изјави Јегер пред пратениците.
Тој образложи дека опасноста од прелевање на хибридните напади во отворен конфликт е реална можност за која институциите мора веднаш да реагираат.
Како клучен пример за руските оперативни дејствија на германска територија, Јегер го наведе инцидентот на аеродромот Лајпциг/Хале. На 4 август таму беше откриен дрон со експлозив поставен непосредно до украински товарен авион.
По спроведената истрага, германската влада на 1 септември официјално ја обвини Москва за обидот за саботажа. Како одговор, Берлин нареди затворање на последниот руски генерален конзулат и на рускиот културен центар во главниот град.
Руските власти ги отфрлија ваквите наводи како неосновани и ја обвинија германската страна за фалсификување докази. Сепак, западните сојузници бележат засилување на ваквите операции од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година.
Директорот на Сојузниот уред за заштита на уставот (БфВ), Синан Селен, директно се спротивстави на тезите дека руската офанзива врз Европа се планира дури за крајот на деценијата.
„Нападнати сме сега, а не во 2029 година“, дециден беше Селен за време на собраниското сослушување.
Тој потврди дека германските контраразузнавачи веќе неутрализирале неколку планирани напади и обиди за диверзија. И покрај тие успешни пресретнувања, Селен предупреди дека притисокот врз критичната инфраструктура не се намалува, туку ситуацијата на терен секојдневно се влошува.