Генетско пребројување на мечките во Македонија: Ќе се собираат 900 примероци од западните планини

Македонија се вклучува во голем регионален проект за генетско пребројување на кафеавата мечка. До крајот на 2026 година треба да се соберат 900 примероци од западниот дел на земјата.

Македонија ќе биде дел од голем регионален проект за генетско пребројување на кафеавата мечка, со кој ќе се опфати целата динарско-пиндска популација на овој вид во земјите што се протегаат од Алпите до Егејското Море. Станува збор за најголемата популација на кафеава мечка во Европа, која се проценува на околу 4.000 единки.

Во Македонија истражувањето ќе се спроведува во западните делови на земјата – од Скопска Црна Гора и Шар Планина на север, до Пелистер, Ниџе и Кожуф на југ. Целта е до крајот на 2026 година да бидат собрани 900 генетски примероци.

Искуствата од Словенија и Хрватска покажуваат дека успешноста на генетскиот мониторинг директно зависи од бројот на собрани примероци. Затоа, во истражувањето важна улога ќе имаат шумарите, ренџерите во заштитените подрачја, ловочуварите и ловџиите, но и собирачите на лековити растенија, шумски плодови и печурки, како и планинарите, велосипедистите и другите љубители на природата.

„Генетскиот мониторинг претставува неинвазивно собирање генетски примероци од материјал што животните го оставаат во околината. Во случајот со мечката, ќе собираме примероци од измет од кои потоа ќе го читаме генотипот на секоја единка како своевиден генетски ‘отпечаток од прст’“, објаснува Александар Стојанов, координатор на проектот во Македонското еколошко друштво (МЕД).

Според него, на тој начин, кога подоцна ќе биде пронајден нов примерок од истото животно, ќе може да се утврди дека му припаѓа на истиот единец. Така, мечките ќе можат да се следат и поединечно, дури и откако ќе угинат.

Активноста ја раководи МЕД во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање. Генетското пребројување нема да даде податоци само за бројноста на кафеавата мечка, која во земјава е строго заштитен вид. Ќе се добијат и информации за нејзината распространетост и генетската разновидност, што ќе овозможи подобро разбирање на екологијата и состојбата на популацијата.

Овие податоци се важни и за идното планирање на заштитата на видот. Генетскиот мониторинг треба да биде еден од првите чекори кон создавање сеопфатна стратегија за зачувување на кафеавата мечка во целиот Динарско-пиндски регион. Проектот е кофинансиран преку Програмата LIFE на Европската Унија, а во него учествуваат 21 партнер од девет европски земји.

Покрај следењето на популацијата, проектот ќе се фокусира и на создавање соодветни правни и управувачки механизми, како и на подобрување на социо-економските услови потребни за долгорочно зачувување на кафеавата мечка долж Динарско-пиндскиот планински масив.

Една од главните цели е и намалување на конфликтите меѓу човекот и мечката, како и заштита на нејзините живеалишта. Токму губењето и загрозувањето на живеалиштата се сметаат за една од клучните закани за одржливоста на популацијата на кафеавата мечка во земјава. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека остануваат посветени на заштитата и соодветното управување со популацијата на кафеавата мечка.

„Долгорочната заштита на видот и неговите живеалишта бара и координација со релевантните институции и засегнати страни. Токму затоа, на почетокот на септември одржавме состанок со претставници на релевантните национални институции, на кој ги претставивме методологијата, планираните активности и временската рамка, како и начинот на спроведување на генетскиот мониторинг во следниот период“, соопшти Министерството.

Од институцијата додаваат дека резултатите од мониторингот ќе обезбедат основа за натамошно планирање и спроведување конзерваторски мерки при управувањето со популацијата на кафеавата мечка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс