На 8, 9 и 10 мај по шести пат ќе се одржи „Генералка викенд“, најмасовната еко-акција во земјава и на Балканот, која годинава мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, повеќе од 600 организации, јавни институции, приватни компании и над 250 државни институции.
Акцијата ќе се спроведува три дена истовремено на повеќе од 500 локации низ целата земја, со цел собирање отпад, подигнување на еколошката свест и поттикнување заедничка грижа за животната средина. Организаторите велат дека „Генералка викенд“ прерасна во национална годишна традиција која покажува дека грижата за татковината може да обедини луѓе од различни општествени, културни и јавни средини.
Официјалниот старт е на кејот на Вардар
Официјалното отворање на „Генералка викенд 2026“ ќе се одржи на 8 мај во 9 часот во Скопје, со акција за чистење на кејот на реката Вардар. Настанот ќе го води Град Скопје, а еко-акцијата ќе биде поделена во осум тимови, распоредени на северната и јужната страна на реката, на потегот од Лепенец до мостот „Киро Глигоров“.
Во соработка со „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ ќе бидат вклучени стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта, кои ќе учествуваат во чистење на една од најголемите зелени и рекреативни зони во главниот град.
Еко-акциите низ земјата ќе бидат организирани и координирани од општините во соработка со Црвениот крст.
Посебни акции на Шар Планина и во Охрид
Меѓу најавените активности се и посебни акции за чистење диви сметилишта во Националниот парк Шар Планина, во кои ќе учествуваат 20 припадници на Вооружените сили на Република Македонија, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад „Саубермахер“ и локалното население.
Во Охрид, кај Конгресниот центар, ќе се спроведе еко-акција за заштита на крајбрежјето. Акцијата ќе се реализира во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Општина Охрид, клубовите „Сороптимист Мома Охрид“ и „Сороптимист Вадуц“, како дел од Сороптимист Интернешнл, со поддршка на „Саубермахер“.
Покрај теренските активности, преку соработката меѓу Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, во училиштата низ земјата се спроведува и еко-образовната програма „Еко час“, во соработка со „Генералка викенд“.
Организаторите нагласуваат дека акцијата е волонтерска иницијатива, во која учесниците се одговорни за сопствената безбедност. Зад реализацијата стои долгогодишно партнерство со компании, институции, општини, невладини организации и меѓународни партнери, со заедничка порака дека отпадот од минатото треба да се рециклира за зелена иднина.
Максимата на иницијативата останува иста: „Да се извалкаме и да исчистиме!“