Search
Нашиот соработник, психолог Фики Гаспар го запознаваме во едно поинакво издание. Искрено и отворено за животните предизвици далеку од сенката на професијата. Што го радува, но знае и да го замисли. Меѓу другото отворено и без предрасуди за тоа дека секој психолог има свој психолог.

Гаспар: Секогаш ме изненадуваат личности кои несебично знаат да дадат или направат нешто за другите

Трн: Ако не е важно колку еден човек живее, туку како, каков живот живее психолог Гаспар во кожата на професијата?

Гаспар: Пред се би сакал да кажам дека човекот никогаш не може да се карактеризира според една работа или улога. Покрај мојата работа како психолог јас имам многу различни улоги. Татко, сопруг, син, брат, пријател, колега итн. Во однос на професијата живеам посветено, целосно присутно и со цел да напредувам и да помогнам најсоодветно на тие што им треба и таму каде што можам.

Трн: Кога последен пат си разговарал сам со себе, имаш ли одговори на незгодни прашања и кои се тие?

Гаспар: Сметам дека потсвесно секој си разговара со себе. Не би кажал баш незгодни, но би кажал дека има доста неодговорени прашања. Како на пример: Која е мојата цел овде?, Дали сум доволен за своите блиски?, Дали сум доволно добар родител и партнер?Секако ова се прашања што најчесто човек си ги поставува и сепак се позитивни затоа што мотивираат да бидеме подобра верзија на себе.

Трн: Светот е полн со изненадувања, што те изненадува во животот и дали таквите моменти предизвикуваат солзи и зошто?

Гаспар: Секогаш ме изненадуваат личности кои несебично знаат да дадат или направат нешто за другите, доста емотивни моменти кои секако знаат да предизвикаат солзи. Затоа што сметам дека се најчисти моменти каде што нема друг мотив освен волја за чинење добро.

Трн: Ако беше се друго во животот, во однос на професија, би посетил ли психолог и зошто баш на тој човек би му верувал?

Гаспар: Да, секако. И сега имам свој психолог. Континуираниот личен раст и развој е исклучително важен, посебно за нас, каде што во текот на работата се сретнуваме со доста големи предизвици и тешки ситуации и случаи. Доверба да, затоа што работата на психолозите е баш таа, да помогнат, советуваат и извадат најдоброто за своите клиенти, а истовремено со целосна дискретност, почитување на приватноста водени од етичкиот кодекс на професијата.

Трн: Еден ден кога ќе седнеш да пишуваш книга (ако тоа се случи) со теми од професионалниот живот, како би ја насловил и зошто?

Гаспар: До сега сум работел само на истражувања и сум бил коавтор на стручна литература за развојни потешкотии. Верувам дека еден ден би напишал и таква книга, а за насловот се уште не сум размислувал. Но, мислам дека би било нешто налик „Патот кон личниот развој” доколку нема веќе таков наслов на книга (хаха).

Трн: Некои работи едноставно не се менуваат, што не би сменил во животот?

Гаспар: Моето семејство, за се друго сум спремен да направам промена.

Трн: Дали и ако да, кога последен пат психолог Гаспар беше на психолог?

Гаспар: Да да. Пред 2 месеци беше последен пат кога бев, по празниците е одлично време да одам повторно.

Најново

Последни колумни