Аргентина со голема мака ги совлада Зеленортските Острови со 3:2 по продолженија во шеснаесетфиналето на Светското првенство, во натпревар кој британскиот „Guardian“ го опишува како вистински фудбалски спектакл и еден од најдраматичните на турнирот.
Актуелните светски шампиони двапати имаа предност преку Лионел Меси и Лисандро Мартинес но храбрата африканска селекција се враќаше во игра, оставајќи впечаток дека е блиску до историска сензација.
„Како воопшто да се раскаже оваа приказна? Замислете 120 минути постојани удари, пресврти и епски моменти…“ пишува „Guardian“, опишувајќи ја средбата како мешавина од хаос, драма и врвна фудбалска уметност.
Драма во 120 минути
Зеленортските Острови двапати израмнуваа – прво преку Дерој Дуарте, а потоа и со спектакуларен гол на Сидни Лопес Кабрал во продолженијата, кој се смета за еден од најубавите на турнирот. Аргентина, сепак, дојде до победа по автогол во 111. минута, кога по удар на Кристијан Ромеро, топката се одби од Динеј и заврши во сопствената мрежа.
Натпреварот го обележа и дуелот меѓу Лионел Меси и 40-годишниот голман Восиња, кој брани во португалската втора лига, што дополнително ја нагласи драмата меѓу фаворитот и аутсајдерот. И покрај победата, „Guardian“ истакнува дека Аргентина делувала ранливо, а Зеленортските Острови оставиле силен впечаток и покрај елиминацијата, симболизирајќи го духот на турнирот.