Дејвид Гета го поддржа новото издание на Галоски „To The Beat“

„To The Beat” излезе на 19 јуни преку Smash The House, издавачката куќа на Dimitri Vegas & Like Mike, а истата вечер Гета ја вртеше во својата радио емисија.

Глобалната диџеј ѕвезда и еден од најголемите хитмејкери на денешницата, Дејвид Гета, повторно даде поддршка на македонскиот продуцент и диџеј Галоски, овој пат за неговото ново издание „To The Beat“.

Песната официјално излезе во петок, 19 јуни, преку Smash The House, издавачката куќа на светски познатото белгиско дуо Dimitri Vegas & Like Mike. Истата вечер, „To The Beat“ беше премиерно емитувана и во радио емисијата на Дејвид Гета, што претставува уште една голема меѓународна потврда за музиката на Галоски.

Ова не е прва поддршка од Дејвид Гета за македонскиот артист. Напротив, Гета повеќе од една деценија редовно ја врти и поддржува музиката на Галоски во своите радио емисии и сетови, заедно со големи имиња како Tiësto, Armin van Buuren, Martin Garrix, Solomun, Dimitri Vegas & Like Mike и други водечки артисти од светската електронска сцена.

Минатата година, Галоски имаше уште еден значаен меѓународен момент, кога Swedish House Mafia, односно Axwell, Steve Angello и Sebastian Ingrosso, тестираа негова песна на Tomorrowland. Веднаш по нивниот настап, песната беше потпишана за нивната издавачка куќа Superhuman, а потоа доби дополнителна поддршка и од Solomun, како и од самите Swedish House Mafia на нивниот настап во Њујорк.

Покрај студиските изданија, Галоски продолжува активно да ја гради својата интернационална приказна и преку настапите надвор од Македонија. Оваа пролет реализираше интернационална турнеја, а претходно, во ноември минатата година, имаше уште една серија настапи надвор од земјата, што дополнително го потврдува неговиот континуиран раст на меѓународната сцена. Во изминатиот период настапуваше и беше присутен во градови и музички центри како Токио, Бангкок, Барселона и Ибица, каде оваа година беше дел и од Интернационалниот музички самит, еден од најзначајните настани за електронската музичка индустрија.

Помалку познат факт за Галоски е дека, покрај својата артистичка кариера, тој веќе со години е активно присутен и зад сцената на светската електронска музичка индустрија. Преку својата работа како артист, продуцент и музички маркетинг директор, директно и индиректно соработувал со повеќе од 80 артисти од самиот врв на светската електронска сцена.

Токму затоа, на неговите социјални мрежи често може да се видат успеси поврзани со артисти како ARTBAT, Argy, Korolova, Miss Monique, David Guetta, Tiësto, Swedish House Mafia и многу други големи имиња од светската музичка сцена.

Со „To The Beat“, Галоски продолжува да ја позиционира македонската електронска музика рамо до рамо со најголемите светски имиња. Неговиот следен сингл е најавен за 3 јули, а македонската публика ќе има можност премиерно и ексклузивно да го слушне на Антена 5.

е-Трн да боцка во твојот инбокс