Македонскиот диџеј и продуцент Галоски забележа нов меѓународен успех откако неговата музика втора година по ред се слушаше на фестивалот Tomorrowland. Членот на Swedish House Mafia, Стив Анџело, ја пушти траката „Move“ за време на својот настап на главната сцена. Со ова повторено изведување, песната задржува силна поддршка од светската електронска елита.
Ова претставува втор последователен настап на истата трака на еден од најголемите фестивали за електронска музика во светот.
Минатата година, додека песната сè уште беше неофицијализирана, диџеите Steve Angello, Axwell и Sebastian Ingrosso ја пуштија заедно за време на нивниот заедники настап на сцената Crystal Garden.
По нејзината фестивалска премиера минатата година, песната беше официјално потпишана и објавена преку Superhuman, издавачката куќа со која раководи Swedish House Mafia. Синглот брзо се искачи до првото место на Trending-листата на специјализираниот сервис 1001Tracklists.
Покрај членовите на шведското трио, музиката на македонскиот продуцент во изминатиот период доби поддршка и од водечки имиња како David Guetta, Tiësto, Armin van Buuren, Martin Garrix и Solomun, кои редовно ги вклучуваат неговите изданија во нивните сетови и радио емисии.
Фактот што Стив Анџело повторно ја вклучи песната во својот сет на Tomorrowland, една година по нејзината премиера, претставува нова значајна меѓународна потврдаза музиката на македонскиот продуцент.