Денес инфлуенсерите ни кажуваат што да облечеме, каде да вечераме, каков парфем да купиме и како да го уредиме домот. Но, првите луѓе што живееле од тоа да им диктираат вкус на другите не се родиле со Instagram. Тие се појавиле во Франција, веднаш по Француската револуција.
Во 1806 година, парискиот гастроном Гримод де ла Рејниер го основал списанието Journal des Gourmands et des Belles. Во него на едно место објавувал препораки за храна, мода, театар и добар живот, нешто што денес би го нарекле „лајфстајл контент“. Ако ги тргнеме настрана старинскиот јазик и печатената форма, списанието многу потсетува на профилите на денешните инфлуенсери кои покриваат сè од ресторани до модни комбинации.

Де ла Рејниер веќе бил славен по својот „Almanach des Gourmands“ (1803–1812) – првиот ресторански водич во историјата и дело што се смета за почеток на гастрономската критика.\
Од „Како да се однесувам?“ до „Како да припаѓам?“
Совети за бонтон, готвење и облекување постоеле и пред Револуцијата. Но тогаш тие биле наменети за луѓе кои веќе знаеле каде им е местото во општеството. По Француската револуција сè се променило. Старите општествени правила исчезнале, се појавиле нови богаташи, нова елита и луѓе кои одеднаш стекнале моќ, но не и културен „прирачник“ како да ја користат.
Прашањето повеќе не било: „Како да се однесувам пристојно?“, туку: „Како да станам дел од ова ново општество?“ Токму таму се појавиле првите „инфлуенсери“.
Луѓе што самите се измислиле одново
Речиси сите овие креатори на вкус имале необични животни приказни. Гримод де ла Рејниер бил адвокат, потоа театарски критичар, па трговец со деликатеси, за на крај да стане најпознатиот гастрономски автор во Франција.
Пјер де Ла Мезанжер, кој со децении го уредувал модното списание Journal des Dames et des Modes, претходно бил свештеник. А Мадам Кампан, поранешна придворска дама на Марија Антоанета, по Револуцијата основала елитно училиште каде заедно ги воспитувала ќерките на старото благородништво и новата елита, учејќи ги манири и аристократски правила.
Кој ја диктирал модата?
Пред Револуцијата модните трендови доаѓале од кралскиот двор – од Мадам де Помпадур до Марија Антоанета. По 1789 година влијанието преминало кај сопругите на банкари, финансиски магнати, благороднички и париски друштвени ѕвезди. Меѓу нив биле Жилиет Рекамје, Тереза Талиен и Фортине Амлен, чии фустани, фризури, домови и јавни настапи биле внимателно следени, анализирани и копирани.

Особено интересна е Фортине Амлен, родена на Карибите, која била дел од групата позната како „Les Merveilleuses“ – жени што со својата екстравагантна неокласична мода практично ја диктирале модната сцена во Париз. Нејзините фризури и лесни антички туники станале тренд, а нејзиниот салон бил едно од најпосетуваните места во тогашниот Париз.
Не продавале само фустани – туку цел начин на живот
За овие луѓе вкусот не се сведувал само на тоа што ќе облечеш. Тие влијаеле врз сè: што ќе јадеш, како ќе ја уредиш дневната соба, каков порцелан ќе користиш, какви чаршафи ќе купиш и како ќе ги пречекуваш гостите. Со други зборови – тие го продаваа целиот концепт на „добар живот“, многу пред да постои терминот lifestyle influencer.
Британија имала свои ѕвезди, но Франција создала нова професија
И во Британија имало луѓе што влијаеле врз вкусот. Производителот Џосаја Веџвуд ги убедувал средните класи што значи добар дизајн. Легендарниот Бо Брамел станал моден авторитет иако не бил ниту благородник ниту богат.
Ема Хамилтон, ќерка на ковач, станала една од најпознатите жени во Европа благодарение на своите портрети и јавен имиџ. Но Франција била поинаква. Револуцијата целосно го превртела општеството. Новите генерали, државни службеници и богаташи добиле титули и богатство, но немале наследени правила за живот.
Некој морал да им покаже како изгледа „добриот вкус“.
Во исто време, Париз го измислувал и модерниот ресторан. Тоа било сосема нов јавен простор каде луѓето не само што јаделе, туку се покажувале, набљудувале и проценувале едни со други. Во таков свет, водичите на Гримод де ла Рејниер станале речиси неопходни, ако сакаш да знаеш каде вреди да се вечера и како изгледа човек со стил.
Од париски салони до Instagram
Истражувачите сметаат дека токму затоа првите вистински инфлуенсери се појавиле во Франција. Тие не биле само модни советници, туку преведувачи на новото општество. Им помагале на луѓето да научат како да изгледаат, како да се однесуваат и како да покажат дека припаѓаат на новата елита.
Денес алгоритмите на социјалните мрежи ни избираат што ќе гледаме, што ќе купиме и каде ќе пиеме кафе. Пред повеќе од 200 години, истото тоа го правеле неколку Парижани со пенкало, весник и многу добар вкус.
Излегува дека Instagram не ја измислил професијата инфлуенсер. Само ѝ дал Wi-Fi.
Извир BUG.HR