Велесилите Франција и Норвешка експресно обезбедија пласман во елиминациската фаза на Светското првенство, откако по две рунди запишаа максимални шест бода во групата И. Истовремено, во Ј-групата, Алжир со голем пресврт го совлада Јордан и остана во игра за следната рунда.
Четиричасовна драма во Филаделфија и нова симултанка на Мбапе
Франција ја оправда фаворитската улога против Ирак и славеше убедливо со 3:0, но мечот во Филаделфија ќе остане запаметен по огромното невреме поради кое дуелот се протегна на речиси четири часа.
На теренот, Килијан Мбапе повторно блескаше и постигна два гола, додека еднаш во стрелците се запиша Усман Дембеле. Со четирите погодоци во првите две кола, Мбапе чекори рамо до рамо со Лионел Меси во трката за златната копачка.
Халанд ја одведе Норвешка понатаму, Сенегал падна по епска битка
На котата од четири гола се искачи и Ерлинг Халанд, кој со два погодока ја предводеше Норвешка до тешка, но заслужена победа од 3:2 над Сенегал.
Серијата голови ја отвори Педерсен, а Халанд зголеми на 2:0 пред паузата. Надежта на Сенегалците ја врати Исмаила Сар, но првата виолина на Норвешка со својот втор гол брзо ја врати комотната предност. Сар до крајот само успеа да го ублажи поразот на африканската селекција во овој ефикасен меч со пет гола.
Гуири донесе голем пресврт за Алжир
Во групата Ј, репрезентацијата на Алжир направи херојски подвиг и по негатива во првиот дел успеа да го совлада Јордан со 2:1.
Јорданците водеа со голот на Ал Раждан во 36-тата минута, откако претходно Ријад Марез пропушти две сериозни шанси за Алжир. Сепак, притисокот на Алжирците вроди со плод во финишот: Бенбуали израмни во 69-тата минута, а големиот триумф и трите бода ги донесе Гуири со погодокот во 82-рата минута.
Со овој триумф, Алжир во последното коло ќе игра директен дуел за осминафинале против Австрија. Од друга страна, Јордан остана без бодови и го чека невозможна мисија против светскиот шампион Аргентина.