Вечерва во Скопје: Отворање на изложбата „Фрагменти од НАС“ на Кети Талевска Бакревска

Изложбата, која ќе биде отворена вечерва во 20 часот, преку лумен принтови ја истражува жената како тело, мисла и дух, користејќи ја светлината како составен дел од творечкиот процес.

Во галеријата вечерва со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Фрагменти од НАС“ на фотографката Кети Талевска Бакревска, која пред публиката ќе претстави серија дела создадени со техниката лумен принт.

Изложбата претставува интимно визуелно истражување на жената како слоевито суштество, низ спојот на телото, мислата и духот. Во центарот на авторскиот пристап е лумен техниката, фотографски процес во кој сончевата светлина станува активен учесник во создавањето на делото.

Поставката е организирана околу три столба на човековото постоење, претставени преку три женски силуети, изработени исклучиво со лумен принтови. Наместо класичен фотографски запис, делата ја истакнуваат непредвидливоста на светлината и траговите што таа ги остава врз хартијата.

Кети Талевска Бакревска од Битола работи со алтернативни фотографски процеси, меѓу кои лумен принтови, цијанотипија, класична аналогна фотографија и камера обскура. Нејзиното творештво е инспирирано од природата, светлината и нивната способност да создаваат уникатни визуелни записи.

Досега реализирала две самостојни изложби и учествувала во повеќе регионални и европски уметнички проекти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс