Триесет години по првиот настап во Хераклеа, Фолтин повторно се враќаат на истото место, овојпат со јубилејниот концерт „Фолтин 30“, закажан за 29 август во 20 часот. Концертот ќе биде големото финале на овогодишниот БитФест, но за бендот и публиката вечерта нема да заврши со последната песна.
Пред три децении, токму на сцената во Хераклеа, Фолтин ја започнаа својата концертна приказна. Сега, по 30 години, се враќаат на истото место со специјална програма, гости, изненадувања и песни кои одамна не биле дел од нивните настапи.
„Не се враќаме во Хераклеа за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука“, велат од бендот.

Од Фолтин посочуваат дека јубилејот не го гледаат само како сопствена прослава, туку како одбележување на сите луѓе кои биле дел од нивната приказна во изминатите три децении. Од оние кои биле на првиот концерт во Хераклеа, до публиката која можеби првпат ќе ги слушне токму на 29 август.
Јубилејната програма ќе донесе и луѓе кои се важен дел од историјата на бендот, како и моменти кои, според најавите, нема да се повторуваат. Дел од изненадувањата Фолтин засега ги чуваат за самата концертна вечер.
Но, 29 август нема да заврши со последниот аплауз во Хераклеа.
По концертот, посетителите се поканети на „Фолтин афтер“ во „Де Ниро кетеринг“ на Краварски пат, каде прославата ќе продолжи со дополнителна музика и дружење.
Јубилејот ќе биде одбележан и со „Фолтин лајв“, двојно винилно издание кое бендот го опишува како своја звучна монографија. Материјалот е снимен целосно во живо во Пловдив и Скопје, на аналогна опрема, а винилот е изработен во Виена.
Пред концертот, на 26 август во 19 часот, во Галерија Божиновски на Широк Сокак во Битола ќе се одржи слушачка промоција на „Фолтин лајв“. Винилот ќе биде презентиран во посебен аудиофилски амбиент, со звучници дизајнирани за Галерија Божиновски и изработени од инженерскиот тим на Теохаров, со аудиофилска поддршка од Аудиокултура.
На промоцијата се поканети медиумите, аудиофилите, колекционерите, пријателите на бендот и сите заинтересирани да го слушнат концертниот материјал во аналогно издание.
За оние кои биле дел од првиот концерт на Фолтин во Хераклеа пред 30 години е подготвено и посебно изненадување. Тие ќе добијат бесплатна влезница за јубилејниот концерт на 29 август.
Концертот „Фолтин 30“ е организиран во рамки на БитФест, во организација на Културно информативниот центар Битола и Општина Битола.
Јубилејната година на Фолтин, сепак, продолжува и по битолската концертна вечер. Бендот најавува низа музички, издавачки и други проекти со кои ќе ја одбележува својата тридецениска приказна.
Информации за настаните
„Фолтин 30“
29 август 2026 година, 20:00 часот
Хераклеа, Битола
„Фолтин афтер“
„Де Ниро кетеринг“, Краварски пат
Слушачка промоција на „Фолтин лајв“
26 август 2026 година, 19:00 часот
Галерија Божиновски, Битола